
Софија – Во сала 1 на НДК (Национален дворец на културата) во Софија во тек е проба на Македонската филхармонија, Државниот симфониски оркестар од Солун, како и Националниот филхармонски хор и Софиската филхармонија.

Македонската филхармонија, заедно со Софиската и Солунската филхармонија, на 17 февруари во салата на НДК во Софија, ќе ја изведе сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф, под диригентската палка на маестро Најден Тодоров.
Овој проект беше договорен кон средината на минатата година по иницијатива на маестро Тодоров, како своевиден симбол на културната соработка во регионот. На концертот на 17 февруари, сцената ќе ја делат музичари и солисти од трите земји, а првичната идеја е овој концерт да се повтори и во Скопје и во Солун.
Како солистка ќе настапи нашата сопранистка со интернационалната кариера – блескавата Ана Дурловски, грчкиот тенор Николас Спанос и бугарскиот баритон Иво Јорданов (Бугарија).

„Кармина Бурана“ е едно од најголемите музички дела што се претвори во „бестселер“ на 20 век. Со своето извонредно влијание врз слушателите, „Кармина Бурана“ ги освои срцата на генерации. Композиторот Карл Орф го создаде ова иконично дело, инспирирано од средновековната поетска антологија Codex Buranus. Премиерата во 1937 година во Германија предизвика сензација и го означи почетокот на светскиот триумф на кантатата, велат од Софиската филхармонија.
Ова е уникатен настан кој соединува три оркестри од Бугарија, Македонија и Грција. Концертот е симбол на културната соработка во регионот и ветува дека ќе биде возбудливо искуство за публиката.