Skip to main content

Министерството за култура и Скопскиот универзитет ќе соработуваат во делот на креативните индустрии

МИА

Министерството за култура и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ потпишаа меморандум за соработка со што ќе се отпочне со мапирање на креативните индустрии, идентификација на млади и трансфер на знаење кое ќе биде во корист на двете страни. 

Меморандумот го потпишаа министерот за култура и туризам Зоран Љутков и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Биљана Ангелова. 

На иницијативата на Министерството и Институтот за социолошко и правно-политички истражувања, започнуваме едно истражување во кое што Институтот за социолошко и правно-политички истражување има долгогодишно искуство. Тоа е делот на креативните индустрии. Практично, со ова истражување, почнуваме со мапирање на креативните индустрии, идентификација на млади, талентирани кадри, како трансфер на знаење и обуки кои ќе бидат од корист за двете страни. Со овој проект покажуваме дека е можна синергијата меѓу културата, образованието и науката, нагласи ректорката Ангелова.

Kако што посочи Ангелова, креативните индустрии стануваат значаен економски сектор, бидејќи иницираат самовработување и овозможуваат отворање на нови работни места. 

Денес креативните индустрии стануваат многу значаен економски сектор со самото тоа што иницираат на самовработување, со самото тоа што овозможуваат отворање на нови работни места, а ние токму со оваа соработка ги помагаме во креирањето на политиките коишто се однесуваат на креативните индустрии и во пренесувањето на знаењето на ова поле, додаде Ангелова. 

Според министерот Љутков, потпишувањето на овој меморандум е заедничка определба со цел да се поврзат културата и образованието како носители на иднината на секое општество, како на теоретско, така и на практично ниво. 

Со овој меморандум ние создаваме и рамка за заедничка соработка на повеќе нивоа, изработката на стратешки документи, политики за развој, како што спомна и ректорката, една од нашите најважни гранки во културата, тоа се креативните индустрии и вклучување на студентите во практична работа во институциите од културата. На овој начин отвараме и можност за нови истражувања, размена на искуства, како и реализација на заеднички проекти. Воедно сакам да нагласам и дека овој документ е дел од нашата поширока стратегија за професионализација на културниот и туристичкиот сектор и зголемена вклученост на младите во културните процеси. Верувам дека ова партнерство ќе даде и конкретни резултати, а потпишувањето на овој меморандум ќе биде и почеток на една нова и значајна етапа во развојот на културната и образовната политика во Македонија, посочи Љутков. 

Поврзани вести