
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков во придружба на градоначалникот Тони Коњановски денеска оствари посета на дел од националните културни установи во Битола.
Љутков изјави дека за време на посетата на НУ Народен театар, НУ Центар за култура и НУ Завод и Музеј-Битола бил информиран за состојбите во националните установи и да направиме, како што рече, паралела што сме начекале пред една година и една година потоа откако јас сум назначен за министер да ги видиме резултатите што се постигнати.
Мора да кажам дека направен е огромен исчекор од тоа што се случувало во 2024 година и што сега се случува во 2025 година. Тогаш имавме многу мали буџети и запуштени институции, сега имаме двојно поголеми буџети и двојно поголема реализација. Новите директори правилно ги трошат буџетските средства и во НУ Завод и Музеј-Битола реализиран е проектот за реставрација на предната фасада за што без издвоени 1,2 милиони денари, годинава ќе се реализира партерното уредување на лапидариумот вреден околу 1,4 милиони денари, реновирана е сувенирницата и е направена од сопствени средства на Музејот, археолошките истражувања кои во изминатите седум години насекаде во државата беа сведени на минимум активности, а сега вложуваме и во археолошките истражувања кои доживуваат своевидна ренесанса, истакна министерот Љутков.
Во изјава за медиумите, министерот Љутков потврди дека со одлуката на Владата згасна Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот.
Конечно ресорот туризам ќе го имаме во рацете на Министерството за култура и туризам со што ќе можеме да работиме на програмата за 2026 година и за изработка на новата национална стратегија за развој на туризмот. Ние треба заеднички со стратегии да ги брендираме нашите градови и во таа смисла Битола има голем напредок, истакна Љутков и најави нова посета во градот кога ќе биде означен почетокот на реконструкцијата на поранешното кино „Партизан“ во Битола за што се обезбедени 94 милиони денари.

Според градоначалникот Тони Коњановски, седумте национални установи од областа на културата кои се во Битола претставуваат гордост на градот.
Ние многу вложуваме во културата и слободно ќе речам ние сме културна мека. Во овие четири години се забележува процут, развој на културата во градот. За нас посебно значење има туристичката понуда која очекувам да го достигне својот максимум, за што ќе понудиме добра програма, посочи градоначалникот Коњановски и го најави почетокот на Битолското културно лето, кое ќе почне утревечер со посебен културен настан.
Од Општина Битола потврдија дека ќе продолжат да ги поддржуваат националните културни манифестации во овој град како што се фестивалот „Илинденски денови“ и ИФФК „Браќа Манаки“ и други.
Фото: МИА