
Сакам да се памети ова издание. После години да се раскажува како се прославил овој голем јубилеј на нашиот Фестивал, вели во интервју за „Република“ Ана Стојаноска, уметничка директорка на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, чие јубилејно, 60. издание ќе се одржи од 5 до 12 јуни во Прилеп.
Оваа година со јубилејот Стојаноска ја завршува четиригодишна платформа „Враќање дома“ со која, како што вели, сакала да го покаже начинот на кој сака да биде препознаен фестивалот и градот домаќин.
Со Стојаноска разговаравме за јубилејот на „Чернодрински“, за континуитетот на Фестивалот, дали им дава простор на новите естетики и експерименти, за Дејан Дуковски, кој а Автор во фокусот на годинашното издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, за состојбата со македонската драматругија, дали имаме нови и храбри текстови и дали македонските театри ризикуваат со поставување на домашни автори. Како прилепчанка, во секоја прилика истакнува колку е важно Прилеп да добие нова театарска зграда.
Од Прилеп е почнат модерниот театар во Македонија со праизведбата на „Вејка на ветрот“ од Коле Чашуле во режија на Мирко Стефановски. Сегашната слика е тажна, вели Стојаноска.
Стојаноска e театролог, писателка, редовна професорка на ФДУ – Скопје (предава на сите три степени, група предмети поврзани со теоријата и историјата на македонската и светската драма и театар). Раководителка на третиот циклус докторски студии на Факултетот за драмски уметности – Скопје. Дипломирала општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Постдипломските студии по театрологија ги завршила на ФДУ, каде што магистрирала и докторирала.

Шеесет години постоење на фестивалот е сериозен јубилеј. Што значи оваа годишнина за Вас лично, но и за македонскиот театар воопшто?
СТОЈАНОСКА: Среќна сум што оваа година славиме толку голем јубилеј. За мене лично, значи огромна почит и благодарност што, ете, јас сум во позиција да придонесам да се прослават достојно овие шеесет години живот на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп. За македонскиот театар, се надевам дека значи, многу. Фестивалот е создаден во 1965 година со идеја да го прикаже најдоброто од македонската театарска продукција и публиката да има можност да го види најдоброто од македонскиот театар. Прилепските актери, театарски уметници, градот, застанале зад идејата на тогашното Здружение за драмски уметности и на Илија Милчин, со цел да создадат фестивал кој денес е најзначајниот и најстариот театарски фестивал во Македонија. За мене лично, станува збор за најважниот театарски настан во годината, фестивал кој покажува дека е истраен и достоен да се смета за најзначајниот театарски фестивал во Македонија.
Како го читате континуитетот на фестивалот – дали тој успеал да ја следи еволуцијата на македонскиот театар или повеќе ја документира?
СТОЈАНОСКА: Македонскиот театар и фестивалот се неразделно поврзани. Сепак, терминот еволуција мислам дека недоволно го објаснува начинот на кој се создавал, се создава и ќе се создава театарот во Македонија. Фестивалот има свој континуитет, свој живот и постојано е во тесна врска со театарот во Македонија. Од 1965 година до денес, во зависност од тоа кој го водел фестивалот, се гледа идејата, намерата, концептот и реализацијата кои се во непосредна врска со современиот и актуелниот театар. Од позиција на некој што еве веќе четири години го води фестивалот, сакам да го посочам фактот дека фестивалот сака да го афирмира македонскиот театар и е креиран во насока да го прави тоа. Го следи, го евалуира, но и документира она што е актуелно во македонскиот театар.
По што ќе се памети ова јубилејно издание? Дали подготвувате програмски или концепциски исчекори што го одбележуваат „новото поглавје“ на фестивалот?
СТОЈАНОСКА: Сакам да се памети ова издание. После години да се раскажува како се прославил овој голем јубилеј на нашиот фестивал. Програмски и концепциски сѐ е насочено кон мотото на фестивалот „Храбриот нов театар“. Оваа година со јубилејот ја завршувам и мојата четиригодишна платформа „Враќање дома“ со која сакав да го покажам начинот на кој сакам да биде препознаен фестивалот и градот домаќин. Во контекст на Авторот во фокус – Дејан Дуковски, како и во мојата желба да се афирмира домашната драма, направени се неколку големи потпрограми кои на повеќе места низ градот ќе го покажат она што треба да е мост меѓу почитта кон нашите претходници и ветрот во крилјата на нашите наследници.

Колку фестивалот денес има улога на репер и критериум за квалитет во националната продукција?
СТОЈАНОСКА: Идејата е да биде репер и критериум за квалитет. Во неговиот Статут е поставено како темел дека треба да ја презентира современата и актуелна театарска продукција. Да го покаже најдоброто од македонскиот театар. Е сега доаѓаме до делот со тоа што е најдобро во македонскиот театар и тоа пак има врска со тоа кој го води фестивалот. Како театролог, јас сум обучена да го следам театарот, да препознавам модел и форма, да препознаам и дефинирам театарска естетика и да ја следам театарската практика. Но, секогаш на фестивал ја гледаме визијата на уметничкиот директор. За мене лично, понекогаш селекцијата е проблем, зашто гледам претстави кои, за жал, не се ниту современи, ниту актуелни. Посебно ако се има предвид дека денес сѐ ни е достапно и може да видиме како изгледа една светската театарска продукција. Не можеме постојано да се оправдуваме со недостиг на средства. Треба да почнеме да преземаме одговорност.
Дали фестивалот доволно го отвора просторот за експеримент и нови естетики?
СТОЈАНОСКА: Да, се разбира, во насока на креирање на актуелна театарска естетика. Фестивалот, поточно, јас и тимот што го организираме инсистираме да се најде простор и за експерименталните постановки, за независната продукција, за нестандардната театарска естетика. Тоа е многу важно, имајќи го предвид начинот на кој функционира театарот во Македонија. За мене како театролог е многу важно да отворам простор да се препознае и новата театарска естетика. Ако направиме преглед на тековната продукција (а задача како уметнички директор на фестивалот ми е да ја следам, евалуирам и селектирам за фестивалот) ќе видиме дека не постои унисоност, ниту пак може да се забележи одредена естетика во културолошкиот простор на македонскиот театар. Затоа сметам дека фестивалот треба да е отворена платформа каде ќе може до израз да дојде и новото, креативното и специфичното.
Оваа година Автор во фокусот е Дејан Дуковски. Најавивте дека заедно ќе придонесете за поголема афирмација на македонската драма.
СТОЈАНОСКА: Го имаме најпоставуваниот македонски драмски автор. Неговите драми се играни на скоро сите светски јазици, поставени на повеќе од сто театарски сцени. Се разбира дека е важно да го имаме на фестивал и заедно со него да помогнеме за афирмација на македонската драма. Како Автор во фокус ќе ни помогне на неколку начини и ќе придонесеме за поголема афирмација на македонската драма. Ќе има свој разговор со публиката, ќе одржи мастер-клас за време на фестивалот, студентите на Факултетот за драмски уметности – Скопје под менторство на режисерката Шенај Мандак ќе прават работилница за неговите драми и ќе изведуваат во Прилеп, ќе имаме повеќе различни активности и се надевам ќе придонесеме повеќе.
Вие сте прилепчанка и често апелирате дека на Прилеп му е потребна нова театарска зграда. Каков е одгласот од институциите и општината?
СТОЈАНОСКА: Она што го знам е дека има поддршка од Министерството за култура и туризам и од Општина Прилеп. Сметам дека и овде треба да се каже, можеби, најболната вистина. Театарот е пред сѐ, дом на театарските уметници и тој треба да се чува како што се чува домот. Ние сведочиме децении и децении константна негрижа. Не мислам овде да вперувам прст, но сметам дека треба некој гласно и јасно да каже. Ние како народ не знаеме да се грижиме за општото добро. Живееме во време на гледање само на лична корист. Театарската зграда во Прилеп е од почетокот на минатиот век. Се разбира дека Прилеп одамна треба да има нова и модерна театарска зграда. Со години само се зборува за тоа. За мене е највпечатливо тоа што сите почнуваат одново. Ние сите мислиме од нас сѐ почнува, со нас сѐ завршува. А театарот е уметност која покажува дека не е тоа така. Пред многу години кога се правеа планови за градење театри, јас не знам зошто се промаши Прилеп. Прилеп ја има најдобрата театарска публика, Прилеп го има најстариот и најзначајниот театарски фестивал и ми беше чудно зошто Прилеп беше надвор од плановите за градење нови театри.
Дали гледате реална можност ова да се случи во блиска иднина? Што недостига – политичка волја, стратегија, кадар?
СТОЈАНОСКА: Се надевам да се случи најскоро што може. Пред сѐ, затоа што тој ансамбл го заслужува тоа. Сакам да обрнам внимание на достигнувањата на прилепските театарски уметници. Промената во театарската естетика што ја правеа низ годините. Визијата на некои од управниците на театарот, сите млади актери и режисери од Македонија да почнат во Прилеп. Храброста да се праизведат македонски драмски автори. Од Прилеп е почнат модерниот театар во Македонија со праизведбата на „Вејка на ветрот“ од Коле Чашуле во режија на Мирко Стефановски. Сегашната слика е тажна. Затоа сакам да се најде и волја и сила и пари и стратегија да се направи новата зграда. И му посакувам на ансамблот на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп да не заборава на својата колективност, инвентивност, креативност и да си ја осмисли својата естетика.
Колку фестивалот може да биде аргумент повеќе во таа борба?
СТОЈАНОСКА: Фестивалот е еден од најважните аргументи во таа борба. Нема простор да се изведуваат претставите на фестивалот. Иако јас ја реализирам својата идеја Прилеп – Град театар, и смислувам нови театарски сцени кои и не се театарски, сепак, за време на фестивалот треба современа и модерна театарска сцена за реално да се донесат најдобрите театарски претстави. Секогаш главниот предизвик е дали претставата што сум ја селектирала може да се донесе во Прилеп. И затоа сметам дека еден од најважните аргументи за нова театарска зграда е и фестивалот.

Каква е денес состојбата со македонската драматургија? Дали имаме доволно нови и храбри авторски гласови?
СТОЈАНОСКА: Би сакала да имам пооптимистичен одговор на ова прашање. Тешка е состојбата од повеќе различни причини. Ние имаме автори што пишуваат, автори што не се поставувани, автори што не се објавувани. А храбри авторски гласови секако дека имаме, тоа е неоспорен факт.
Дали театрите доволно ризикуваат со поставување нови домашни текстови?
СТОЈАНОСКА: Театрите не сакаат да ризикуваат. Точка. Нема стратегија ниту за креирање на репертоарна политика, ниту за промоција на нова драма. Иако имаме на репертоарите македонска драма, но, тоа е или битова драма или ретки примери на современи драми. И потоа е моментот со нивната сценска реализација. Дали тоа што е поставено е навистина најдоброто од македонската современа драматика? Дали сме свесни што сѐ денес може да се смета за драмски текст? Дали театрите имаат своја стратегија како да ја промовираат македонската драма? Комплексен е проблемот, но сметам дека може да се совлада, ако се има отвореност и храброст од страна и на режисерите и на театрите.
Колку македонската драматургија комуницира со актуелниот општествен контекст?
СТОЈАНОСКА: Од она што е поставено на нашите сцени, ретки се примерите каде се гледа односот кон современиот контекст. Од тоа што сум го прочитала има примери на комплетен однос кон актуелниот општествен контекст.

Годинава не пристигнал комплетен драмски текст од млад автор за наградата „Горан Стефановски“ што ја распишува Драмски театар Скопје. Лани наградата не беше ни доделена. Како го толкувате овој факт? Дали тоа е сигнал за криза во младата драматургија или за недоверба во институционалните конкурси?
СТОЈАНОСКА: Не мислам дека е во криза. Затоа што и не е пласирана драматургијата за да доживее криза. Ние со години немаме доверба во новите автори. Режисерите режираат или одамна поставувани драми, или сигурна класика или адаптации од филмови. Прашањето е колку режисерите, продуцентите и директорите на театри се запознаени со новата драма. Колку од нив се обиделе да прочитаат нови драмски текстови. Еве јас сум напишала три драми, две и наградени, никој не ги поставил. На Фестивалот ја воведовме програмата „Драмолетање“ да им бидеме мост на авторите со театрите и режисерите. Драмите се достапни онлајн. Секој може да ги прочита. Мислам дека прашањето треба да се сврти обратно. Зошто ниту еден театар не ризикува и во текот на годината не постави една нова драма, тогаш нема да има криза. Знам, знам, дека има театри што поставуваат домашни драми, прашањето е само какви се тие и какви се тие претстави. Одамна го избркавме критериумот за квалитет, направивме да нема критика, се однесуваме неодговорно кон македонската драма и театар.
Откако сте на функцијата директорка, што сметате дека е Ваш најголем исчекор?
СТОЈАНОСКА: Неблагодарно е да говорам сама за себе. Се надевам дека публиката гледа на кој начин сум го замислила, креирала и реализирала фестивалот. Лично сметам дека излегов од својата конфорна зона и направив нешто плус и за себе и за фестивалот.
Што е она што Ве загрижува, а што Ве охрабрува кога станува збор за иднината на театарот кај нас?
СТОЈАНОСКА: Најмногу ме загрижува непрофесионализмот, немањето сенс за критика и немањето репертоарна политика, стратегија и храброст да им се даде шанса на сите што треба, а не само две – три имиња што режираат едно те исто во кој и да е театар. Најмногу ме охрабруваат студентите и младите луѓе, независната продукција и оние исклучоци во системот што театарот го гледаат како колективна уметност, а не место за сопствено заработување на пари.
Ако треба со една реченица да ја опишете состојбата на македонската драматургија денес – како би гласела таа?
СТОЈАНОСКА: „Да се биде или не – прашање е сега“.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
фото: МТФ „Војдан Чернодрински“ и приватна архива

Македонски



