
Во рамките на манифестацијата „Денови на поезијата“, во Скопје Сити Мол, денес, со почеток во 19 часот, во Литература.мк (Скопје Сити Мол, 2. кат), ќе градиме нови мостови меѓу македонската и грчката поезија и меѓу македонската и грчката култура… Но и ќе отвориме нов простор за афирмација на македонската реч во Грција.
Гостин на Фондацијата „Ацо Шопов Поезија“ ќе биде најновиот афирматор на македонската книжевност во Грција, Сотирис Минас.
Во разговор меѓу него и Иван Антоновски ќе се отворат многу прашања. За љубовта кон македонскиот јазик, книжевност и култура, за емоциите кон Македонија и македонистиката, за препевите од македонски на грчки и за грчките поети преведени кај нас, за предизвиците во времето пред нас… А ќе се чујат и македонските класици на грчки, но и грчки поети на македонски јазик.
Дојдете, за заеднички да градиме нови мостови меѓу двете култури и двата народа!
Сотирис Минас е роден и израснат во Солун. Последните три години живее и работи во Атина. Студирал Историја и Археологија на Универзитетот „Аристотел“ во Солун и стекнал квалификација за предавање на шпански јазик. Работел како професор по шпански јазик. Денес работи во областа на поддршка на корисници на социјалните мрежи на шпански јазик. Иако нема македонско потекло, причината зошто толку многу ја сака македонската литература, јазикот и сè што е поврзано со македонскиот народ е неговата длабока емпатија и солидарност со страдањата што ги претрпелe егејските Mакедонци од грчките власти.
Така се родила и неговата желба да го научи современиот македонски јазик. Почнал како самоук во 2018 година со помош на интернетот, користејќи какви било достапни извори за учење. Подоцна, голем придонес во подобрувањето на неговото познавање на македонскиот јазик дала лекторката Елена Ѓорѓиовска. Подоцна почнал да се занимава со преведувањe и досега има преведено дела од неколку македонски автори, вклучително и поезија од Ацо Шопов.