Skip to main content

Љутков: Мајчиниот јазик е повеќе од средство за комуникација, тој е темел на нашиот идентитет, чувар на културното наследство и мост кон идните поколенија

Мајчиниот јазик е повеќе од средство за комуникација, тој е темел на нашиот идентитет, чувар на културното наследство и мост кон идните поколенија, истакна министерот за култура Зоран Љутков на денешното одбележување на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик – 21 февруари што се одржа во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје.

Нашата душа е македонска, а нашиот јазик е македонски – јазик на вековите, јазик на истрајноста, јазик што ја вплел својата нишка во ткаенината на историјата, непрекинат, горделив и непокорен, рече министерот Љутков.

Мајчиниот јазик, како што посочи, е нашиот печат на постоењето и гласот што сведочи за тоа кои сме и што сме биле.

Преку мајчиниот јазик ја пренесуваме својата приказна на светот, го чуваме духот на народот и го обликуваме нашето место во историјата. Ниту едно друго наследство не е толку интимно и толку моќно како зборот што го носиме во срцата. Затоа, да не дозволиме никогаш да се замолкне. Да го зборуваме гордо, да го чуваме во срцата, да го пишуваме со љубов и почит. Како што еднаш нè учеше Петре М. Андреевски: „Овој јазик е нашиот завет. Со него се раѓаме и умираме, нагласи Љутков.

„Македонскиот јазик е нашата татковина, нашиот дом и најголем аманет. Се брани со збор, со перо, со љубов, но и со гордост“, рече министерот, повикувајќи ги сите да го слават и да го живеат македонскиот јазик со почит и љубов.

Љутков се осврна и на важноста на јазикот за националната самосвест и непрекинатиот развој на македонскиот народ, како и за неговата способност да ги пренесе емоциите, културата и историјата на идните генерации.

Според министерот, македонскиот јазик мора да продолжи да биде водилка за идните предизвици и премрежиња, и дека само така ќе продолжи да живее духот на народот.

Директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков”, Елена Јованова-Грујовска истакна дека во услови на интензивна глобализација на многу помали јазици им се заканува исчезнување, но дека македонскиот јазик не е загрозен.

Во услови на интензивна глобализација, на многу „мали” јазици им се заканува исчезнување. Иако сме релативно малку зборувачи, ние не го сметаме македонскиот јазик за загрозен, затоа што е кодифициран и 80 години зад него стои македонската држава преку наставата на македонски јазик, преку илјадниците уметнички дела и милионите објавени книги. Сепак, наша должност е будно да внимаваме на правилната употреба на стандардниот македонски јазик. Истовремено, да го поддржуваме стремежот за негување на мајчините јазици на нашите сограѓани и соседи, рече таа.

Меѓународниот ден на мајчиниот јазик се одбележува на 21 февруари секоја година и има за цел да ја промовира јазичната и културната разновидност и повеќејазичноста. Овој ден е прогласен од УНЕСКО во 1999 година, во чест на четворицата студенти кои загинаа во Бангладеш во 1952 година, борејќи се за признавање на нивниот мајчин јазик, бенгалскиот.

Поврзани вести