
Дозволете да го изразам моето задоволство што сме денеска овде, во нашата најстара и најзначајна музејска институција која минатата година одбележа значаен јубилеј – 100 години од своето постоење, на промоцијата на едно посебно издание, каталогот со наслов „100 предмети од збирките на Археолошкиот музеј“, рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Издавањето на каталогот произлегува од стогодишното постоење на Музејот, кој со својата дејност и развиток од основањето во 1924 година па сѐ до денес несебично придонесува во истражувањето, заштитата, чувањето и презентирањето на нашето богато културно наследство.
Каталогот што го промовиравме е еден вид признание за посветеноста на музејските работници, но и за трудот на генерациите истражувачи, археолози и на сите оние што биле дел од оваа институција и вложиле труд во нејзиното создавање и развој.
Ова вредно двојазично издание со над 150 богато илустрирани страници нѐ води на едно несекојдневно патување низ вековите, откривајќи важни моменти од праисторијата до античката и средновековната историја и култура на овие простори. Во него се претставени 100 артефакти што се дел од богатиот фундус на Музејот, кои овозможуваат да се оствари непосредна комуникација и увид во структурата на Музејот, поточно во сите негови збирки за денес да го воспримаме како нашиот „Лувр“.
Љутков подвлече дека низ изминативе 100 години, нашиот Археолошки музеј повеќепати ги менувал своето име, објекти и седишта, но секогаш, како високостручна установа, останал на единствениот пат кон унапредување на музејската дејност.
Затоа денес со право се смета за една од најголемите и најважни наши културни институции. Неговото богатство се неговите збирки, а ги има 18, со над 100 илјади археолошки предмети, најголемиот дел собрани со истражувачката активност во рамките на реализираните археолошки проекти на територијата на целата држава.
Тој фонд на археолошки предмети и тие збирки постојано се збогатуваат со реализирањето на секој археолошки проект што Министерството за култура и туризам го финансирал во минатото, а продолжува тоа да го прави и во иднина.
Како земја со значајни културни вредности, рече Љутков, Македонија денес е, несомнено, силен предизвик за туристичките движења. Токму затоа реализацијата на еден ваков проект ќе придонесе пред домашните и странските посетители да биде претставено богатото културно наследство на нашата земја.
Во тој контекст, верувам дека каталогот „100 предмети од збирките на Археолошкиот музеј“ ќе успее во својата мисија и ќе биде предизвик за посета на Археолошкиот музеј, затоа што богатството на неговите збирки и неговата постојана музејска поставка го заслужуваат тоа.
На крајот сакам да изразам голема благодарност до сите оние што го вложија својот професионален ангажман во подготовката на ова вредно издание. Уверен сум дека вработените во Археолошкиот музеј и во иднина посветено ќе го вклучат својот научен и креативен потенцијал во истражувањето, зачувувањето и презентирањето на нашето единствено и непроценливо културно богатство. Заедно продолжуваме да работиме на зачувување на нашето минато и изградба на посветла иднина.