Skip to main content

Љутков: Да ги претвориме културните рути во мостови меѓу различни народи, меѓу генерации, меѓу минатото и иднината

МИА

Денеска не сме тука само да зборуваме за културата туку да ја препознаеме нејзината вистинска сила во современото општество. Културните рути не се само туристички патеки. Тие се патишта на вредности, дијалог, споделено наследство и европско заедништво, истакна денеска министерот за култура и туризам, Зоран Љутнов на Форумот посветен на културните рути – тема што нѐ обединува, нѐ инспирира и ни отвора нови хоризонти.

Во време на глобални промени и предизвици, културата станува она што нè поврзува. А културните рути се нејзин жив доказ – тие го раскажуваат минатото, но истовремено нè повикуваат да дејствуваме денес, за подобра и поинклузивна иднина.

Со повеќе од 40 сертифицирани рути, Советот на Европа ни покажува како културата може да биде мост – меѓу историјата и современоста, меѓу локалното и глобалното, меѓу народите и нациите. Овие рути не само што ги облагородуваат туристичките понуди туку го поттикнуваат одржливиот развој, го зајакнуваат локалниот идентитет и го ангажираат секој поединец да биде активен учесник во културниот процес.

Република Македонија, како земја која веќе активно учествува во „Рутата на Свети Кирил и Методиј“, „Винската рута Итер Витис“ и „Рутата на римските императори и Дунавската винска рута“, преку своето исклучително богато и разнолико културно наследство, има значаен потенцијал не само да биде дел од оваа мрежа, туку и да придонесе како рамноправен креатор на нови иницијативи.  Наша обврска е да ги истакнеме и презентираме вредностите со кои располагаме – од античките траги до современите културни практики, од духовното наследство до живата традиција.

Токму од тие причини овој форум го гледам како отворена покана – да ги споделиме идеите, да соработуваме, да размислуваме стратешки и креативно. Да создадеме културни рути што нема само да ги водат туристите – туку ќе ги носат вредностите на нашите заедници низ Европа.

Затоа, денес ве повикувам, не само како министер туку како граѓанин и љубител на културата: да работиме заедно – државните институции, локалните заедници, културните и туристичките работници, уметниците, истражувачите – за да ги претвориме културните рути во мостови. Мостови меѓу различни народи, меѓу генерации, меѓу минатото и иднината.

Нека нашето културно наследство не биде само нешто што го чуваме во витрините и книгите. Нека тоа биде нешто што го живееме, што го споделуваме и преку кое ја раскажуваме нашата вистинска приказна пред светот.

Културните рути се токму тоа – жив доказ дека културата може да биде двигател на просперитет, инспирација за соработка и извор на длабоко човечко поврзување.

Затоа да размислуваме долгорочно. Да изградиме култура на поврзување, на почит и на визија. Да ја направиме културата не само гордост од минатото – туку двигател на нашата заедничка иднина.

Нека овој форум биде почеток на нови приказни што ќе го поврзат минатото со иднината – преку културата, за сите нас.

Поврзани вести