
Третиот трилер на авторот и новинар Сашо Кузмановски, „Луѓе-сенки“, ќе биде промовиран денес, во 19 часот, во „Литература.мк“, во рамките на третото издание на фестивалот Видик. Промоторка на романот, кој е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде уредничката Бисера Бендевска.
„Луѓе-сенки“ е завршниот дел од трилогијата на Кузмановски, по трилерите „Афера во музејот на пари“ и „Бахус“. По успешно затворените случаи со украдениот тетробол од музејот на пари при Народната банка на Македонија и мистериозното убиство на локалитетот Стоби, инспекторот за крвни деликти Јован Ингилизов – Џовани се соочува со најсложениот предизвик во својата кариера – неразрешениот атентат врз претседателот на државата, што се случил пред 13 години.
Во овој роман, Џовани – ревносен и правдољубив полицаец, кој бескомпромисно им пристапува на задачите – се вплеткува во случај во кој минатото не е завршена приказна. Додека се нижат мистериозни смртни случаи и се отвораат сомнителни процеси во високите ешалони на Министерството за внатрешни работи, клопчето почнува бавно да се одмотува, откривајќи нови јазли и опасни вистини.
Романот претставува историска фикција, инспирирана од реални настани од нашето колективно минато, врз кои авторот ја гради својата препознатлива наративна структура.
Книгата ќе биде достапна за продажба во книжарницата на „Литература.мк“ за време на промоцијата, а потоа и во останатите продажни места, како и онлајн преку www.literatura.mk

Македонски


