Skip to main content

Концерт на хорот „Про Арс“ во чест на Денот на независноста на Македонија во Истанбул

Во чест на државниот празник 8 Септември – Денот на независноста на Македонија, Македонскиот културен центар во Истанбул во соработка со Асоцијацијата на истанбулската филхармонија ќе ја претстави свечената концертна програма „Македонски мозаик“, концерт кој ќе се одржи на 6 септември (сабота) во Ерменската католичка катедрала „Сурп Асдваѕаѕин“ во Бејоглу, Истанбул.

На истанбулската публика ќе ѝ се претстави мешаниот хор „Про Арс“ од Скопје, предводен од реномираниот македонски диригент Сашо Татарчевски. Овој ансамбл, познат по својата интерпретативна зрелост и префинет израз, ќе се претстави со мозаик од најзначајните дела и остварувања на македонската хорска музика.

Под наслов „Македонски мозаик“, ќе бидат изведени композиции на истакнати македонски композитори: Драган Шуплевски, Стојче Тошевски, Трајко Прокопиев, Томислав Зографски, Властимир Николовски, Кирил Македонски, Стефан Гајдов, Стојан Стојков, Тодор Скаловски и Живко Фирфов. Репертоарот обединува хорски минијатури, народни мотиви и современи дела, создавајќи живописна звучна целина која ја претставува македонската музичка култура во нејзината разновидност.

Мешаниот хор „Про Арс“ е професионален ансамбл основан во 2011 година од маестро Сашо Татарчевски, кој е и негов уметнички раководител и диригент. Про Арс се редовни гости на Македонската филхармонија, учесници на врвни фестивали, „Охридско лето“ и „Денови на македонска музика“. Ансамблот има настапувано и на престижни меѓународни сцени во Австрија, Бугарија и Грција.

Концертот во Истанбул е дел од активностите за културна промоција и афирмација на македонската култура и уметност во Република Турција, дел од годишната програма на Министерството за култура и туризам.

Поврзани вести