
Оваа недела, Н.У. Кинотека на РС Македонија потпиша Меморандум за соработка со Ј.Н.У. Институт за национална историја (ИНИ), потпишана од двајцата директори – Бошко Грујоски и проф. др. Митко Б. Панов. Соработката ќе се реализира преку советодавна и стручна поддршка, подготовка и реализација на заеднички проекти, конференции и изложби, проекти од издаваштвото, итн.
Двете институции веќе имаат соработувано на повеќе проекти, меѓу кои беше и долгогодишниот проект „Евидентирање, фотографирање, снимање и архивирање на видеоматеријали од разговори со Македонци протерани од Егејска Македонија во 20-иот век“, но сега, со потпишаниот меморандум – таа соработка се официјализира и станува пофокусирана во поглед на сферите на заеднички интерес.
Мисијата на двете институции, е слична – и двете, меѓу другото, како една од своите цели и активности ја имаат истражувачката дејност и презентирањето на материјали од историско значење – Кинотеката на полето на историјата на македонската кинематографија, а ИНИ во областа на историската наука општо.