Skip to main content
QOoZVjDccpU
Роман Симовиќ, еден од највијателните виолинисти на нашето време:

Ја обожавам Македонија, мојата сопруга е од Охрид

Роман Симовиќ е музичар од вонсериски калибар. Неговата брилијантна виртуозност и вродената музикалност, поттикнати од безграничната имагинација, го носатниз сите континенти, настапувајќи во најпрестижните сали како: Големата сала на конзерваториумот „Чајковски“, салата на театарот „Марински“ во Петерсбург, Операта на Тел-Авив, салата „Викторија“ во Женева, Барбикан центарот во Лондон…а вечерва во Македонската филхармонија каде со членовите на оркестарот на „Фејмс институтот“ ќе одржат хуманитарен концерт за поддршка на семејствата на жртвите и повредените од трагичниот пожар во ноќниот клуб во Кочани.

Публиката ќе има ретка можност да ужива во генијалноста на еден од највлијателните виолинисти на нашето време – Роман Симовиќ, концерт-мајстор на Лондонскиот симфониски оркестар. Тој на своите настапи свири на виолина изработена од Антонио Страдивари изработена во 1907 година.

Овој концерт не е обичен настан – тој е интимно музичко доживување со ограничен број на места, на кој ќе бидат изведени Концерт за виолина и оркестар и Симфонијата бр. 7 од Бетовен.

Свириме ужасно тешка програма. Симфонијата бр.7 на Бетовен е ремек-дело во кое не постои ниту една нота која не е генијална. Напишана е во 1812 година кога Наполеон ја нападнал Русија. Колку само војни имало таа година и генијалниот Бетовен кој во тоа време е полуглув пишува потполно совршено дело. Така што тоа не е некој лесен реперторар, туку тоа е навистина сериозна програма и јас сум многу строг со моите млади колеги, барам да звучат како професионалци, вели Симовиќ.

Симовиќ во разговорот за „Република“ се присети дека порано доаѓал и настапувал со Македонската филхармонија и со оркестарот „Профундис“, но сега ја пофали салата на Филхармонија, велејќи дека разликата сега е „како небо и земја“, но рече и дека младите музичари од Фејмс институтот имаат одлични услови за работа и дека свират на мошне завидно ниво.

Тие кога ќе отсвират нешто може после тоа да влезат во кабината и да го слушнат тоа. За разлика од нив, јас на нивна возраст ја немав таа можност, рече Симовиќ

Раскажа дека со Лондонскиот симфониски оркестар каде е концерт-мајстор многу снимаат во Еби роуд студиото ( Abbey Road Studio), едно од најпознатите студија на светот каде што се снима музика за „Хари Потер“ и „Војна на ѕвездите“ и сето тоа го свири Лондонскиот симфониски оркестар, но овде студиото не се разликува многу од тоа.

Вели дека ја обожува Македонија и дека често го посетува Охрид бидејќи неговата сопруга потекнува од овој град.

Подготвија:

новинар: Невена Поповска

фото/видео: Александар Ивановски/ Фејмс Институт

монтажа: Александар Арсовски

Поврзани вести