Skip to main content

Изложбата „Реминисценции“ на Страхил Петровски во Њујорк на 30 декември

„Реминисценции“ е насловот на изложбата од мултимедијалниот уметник Страхил Петровски што ќе биде отворена од 30 декември 2025 година до 9 јануари 2026 година во галеријата МЦ во Њујорк. .

Со „Реминисценции“, Петровски отвора ново поглавје во својот визуелен јазик – поглавје што истовремено е интимно, филозофско и жестоко критичко кон реалноста што ја населуваме.

Според Сандра Деспотовиќ, кустос и историчар на умесноста, Реминисценции ја означува најновата ера во креативните дела на Страхил Петровски, ера на големи индустриски хартии (530×83см.) и цртежи со помали димензии работени во комбинирана техника одново наоѓаат дополнително и подлабоко значење во секој нов простор. Три бои, бои кои не се бои, најчесто користени во античките мозаици, ја красат индустриската хартија и цртежите во помали димензии. Преку чистотата на белата боја, црвената тула на исушената крв, ‘рѓа и земја, и најтемната црна боја, тие започнуваат ново патување заедно, во бојата на светлината, бојата на земјата, во боите на празнината. Кога гледаме – кога навистина ги гледаме/перцепираме или “слушаме” делата на Страхил, тие пеат индустриски и/или прогресивен рок. Мелодијата на светлината и празнината, изразена преку трансценденталните звуци на бендови како Tool, Nine Inch Nails и Joy Division, открива одраз на современиот свет закотвен во борбите со идентитетот и значењето. Во апстрактните форми, човекот бара признание – фигура, себе си и /или нешто слично на себе… Страхил, преку фрагментација, што само по себе е потрага или нов почеток, деконструкција или игра – на среќа, првенствено се резултат на вештина и иновација. Теодор Адорно верувал дека пишувањето поезија по Холокаустот е варварско, дека нема место во светот за такви нови почетоци. Уметноста на Петровски, која е боја во служба на поетски, недостижен или речиси недостижен, апстрактен и инсталационен карактер, зрачи со духот на конфликтот со можноста за значење во свет по незамислив ужас. Светот по ужасот се појавува како единствениот можен свет што успеваме да го создадеме – и да го задржиме. Ние продолжуваме да пишуваме поезија и продолжуваме да сликаме. Во новите светови, во свет без стабилни идентитети, во свет на непостојани идентитети, каде е тоа што го бараме и каде го наоѓаме значењето и дали воопшто го наоѓаме?

Делата – индустриските хартии и цртежите, како и видео инсталациите (во некои негови претходни визуелни остварувања) на Страхил Петровски прикажуваат свест за оваа изгубеност, затоа во фрагментацијата, тој (уметникот) бара ново единство, ако е воопшто можно – по разорната фрактура на дваесеттиот век. Преку мултидисциплинарното творештво, Петровски ја изразува таквата фрагментација на реалноста. Во овие наши нови светови, ни недостасува „заедничкото“ значење. Во видео инсталациите во некои негови претходни изложби, кадри од војна, црви, изгорени дрвја, напуштени амбиенти со ќебиња што сега ги користат бездомниците, парадираат… изгубени и заборавени луѓе. Совршени придружници на листовите од хартија и делата во комбинирана техника на Петровски, се овие фрагменти од урбана дистопија, кои ја откриваат неподготвеноста на современиот човек да се справи со современите и вечните проблеми.

Димензиите на самите дела од хартија изразуваат потсвесно или не толку потсвесно барање на возвишеното. Непознатоста на значењето и дезориентираноста во фрагментацијата, во ограничувањата на човечкото знаење – перцепцијата е тема што го мачи човекот уште од почетоците на рафинирање на неговите и нејзините перцепции. Недостатокот на одговори и суровоста на злото и ужасот, егзистенцијалните и воените, претерано материјалните, ги мачат не само оние што стануваат субјекти во таа планетарна драма од космички размери, за тенденцијата на човекот да го уништи другиот кога тој некој е религиозен или територијален непријател. Патеките на перцепција на Страхил Петровски зрачат со сомнеж дека можеме да се оддалечиме од нашите индивидуални и колективни меурчиња. Нашата способност да се заложиме за другиот и да го разбереме е навистина на еден клучен тест. Наративот што ги придружува делата на Страхил, повторувајќи: Одиме назад, одиме назад… Утре е во прашање… Размислувањето е нелегално… Бесконечната приказна за колективниот хаос продолжува со „Дали се осмелуваме да се погледнеме во огледало“ и заклучува дека „Храбро не одиме никаде“. Што би виделе таму во тоа искривено огледало од селфиња? Нашите врати на перцепција се искривени и нејасни, не поради употребата на мескалин како што беше (или не беше) случај во автобиографската книга на Хаксли „Вратите на перцепцијата“, туку поради целокупната конфузија на нашиот медиумски неедуциран свет. Опусот на Страхил Петровски ја проткајува свеста и загриженоста за овој недостаток на свест за сопствените ограничувања. Сите сме изложени во неговото творештво под тој рефлектор, кој ги открива сите наши недоследности и ни покажува преку својата брилијантна едноставност и естетска возвишеност на монументалното дека потребата за бунт, како бунтовниот Атлас, не е особина дадена само на божествата. Во трагичниот дух на секој добар мит, таа е и во нас – смртниците. Творештвото на Страхил Петровски ги гледа нашите општества потопени во корупција и директно, без коцка шеќер, го демистифицира секој нефункционален аспект, вели Сандра Деспотовиќ, кустос и историчар на уметноста.

Петровски (1974, Куманово) дипломирал и магистрирал сликарство на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во класата на професорот Родољуб Анастасов. Од 2000 до 2002 година работи како надворешен соработник-демонстратор по предметот Сликарска технологија и сликарски техники, кај професорите Момчило Петровски и Вело Ташовски на ФЛУ, а од 2002 до 2010 година хонорарно е ангажиран во Националниот конзерваторски центар како надворешен соработник конзерватор во лабораторијата за конзервација и реставрација на икони. Учествува и во реализацијата на првиот научноистражувачки проект „Брестал“, под менторство на Момчило Петровски, на ФЛУ. Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како што се: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност. Петровски, особено во последните години, користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитички прашања како постконцептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес. Голем број негови дела се наоѓаат во јавни и во приватни колекции, вклучувајќи музеи и галерии во земјава и во странство.

Член е на ДЛУМ од 1997 година, член на ДЛУБ од 2025 година, на ИКОМОС од 2001 до 2007 година и на ИКОМ од 2011 до денес. До 2023 година, работи како советник-конзерватор реставратор во Националниот конзерваторски центар и како доцент на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет во Скопје. Од 2024 година е советник-конзерватор реставратор во Музејот на македонската борба за самостојност. Истата година е избран за вонреден професор на Факултетот за арт и дизајн.

Реализирал триесетина самостојни изложби во земјава и во странство, а учествувал на стотина групни претставувања, ликовни колонии, симпозиуми и семинари. Добитник е на многу награди и признанија.

Поврзани вести