
Во галеријата на Македонскиот културен центар во Истанбул, на 19 декември (петок) во 20:00 часот, ќе биде отворена изложбата „Поема на атомите“ на македонскиот уметник Благојче Петровски.
Изложбата претставува духовно и визуелно истражување инспирирано од мислата на Руми и од иконописната традиција. Преку минималистички композиции, симболички знаци и внимателно користење на златната површина, Петровски создава тивок, но моќен сликарски јазик кој ја отвора темата за светлината, љубовта и внатрешниот ритам на создавањето. Делата функционираат како контрапункт на современиот материјалистички сјај, нудејќи простор за созерцание и духовна тишина.
Со оваа изложба, Македонскиот културен центар во Истанбул продолжува со својата мисија за промоција на современата македонска уметност и автори во Република Турција. Изложбата е дел од Годишната програма на Министерството за култура и туризам.

Македонски






