
На изложбата „Артеизам“ со свои дела ќе се претстават Васко Ѓоргиев, Дејан Макаријоски и Владимир Симоновски.
Авантура на тројца индивидуалци собрани во едномислието за нераскинливата врска меѓу верата и уметничкото творештво. Создавањето дело тие го гледаат освен како сопствено искуство и како еден трансцедентлен процес чии корени, во овој случај, се втемелени во Божјото откровение на православната христијанска вера. Делата од оваа изложба ја потенцираат непредвидливоста на есхатолошкиот момент чие остварување е неминливо. Тоа е едно поистоветување на уметничкото творештво со литургиската служба каде осознавањето и постоењето на човекот се реализира сега и постојано. Творештвото се одвива како на телесен така и на духовен план. Ателјето е место каде созданието создава и се создава. Почетокот, намената и целта се јасни, додека создавачот е во една постојана битка на усогласување меѓу сопствената волја, презаситена од културолошкото наследство и Божјата промисла. Тој не е корисник со одреден рок за разните потреби на глобалистичките идеи , туку супстанција во постојана трансформација кон совршеноста. Во нив се разгледуваат одредени догми на Црквата кој преку Христовиот пример се открива смислата на човек и неговиот живот тука. Тема која во едно потрошувачко, технократско и дигитализирано секојдневие се побрзо и почесто се заменува и губи, но и која станува се поочигледна.
Владимир Симоновски
Роден во Битола. Студирал Машински Факулет а завршил Ликовна Академија отсек вајарство во класата на професорот Бедим Ибрахим. Претседател на Друштво на ЛиковнитеУметници Битола од 2010 до 2014. изложби во земјава и во странство. Добитник на повеќе награди (Награда на град Битола 4 – ти Ноември за исклучителни достигања во областа на ликовната уметност за 2018 – 2019 година; Награда на МТФ Прилеп – за најдобар визуелен материјал за претставата – „Планетата Јов“,Драмски театар Скопје.) Изработувал и сценографии по низа театарски центри.
Како сценограф соработувал и со истакнати меѓународно признати театарски режисери како режисеот Лука Кортина.
Дејан Макаријоски
е основач на студио-галеријата “Ателје Макаријоски” во Битола, каде активно работи веќе 27 години. Член на ДЛУБ, реализира самостојни и активно учествува на групни изложби во земјава и странство, како и на ликовни колонии. Макаријоски работи во техниката масло, акрил, како и фреско сликарство и икони. Во 2023 со самостојна изложба одбележа 25 години јубилеј од постоењето на своето студио-галерија. Добитник на годишната награда „Борислав Траиковски“ за 2024 година, која се доделува од Друштвото на ликовни уметници Битола.
Учествувал на повеќе изложби и ликовни колонии.
ВАСКО ЃОРГИЕВ
е вајар, сликар, иконограф роден во Гевгелија.
Завршил Академија Лигустика ди Беле Арти, Џенова, Италија во класата на професорот Масимо Ќјапета, оддел вајарство.
Во 2004 завршил курс по цртеж и сликарство во ДСУ „Џовани Плана“ и АУСЕР, Вогера, Италија. Во 2001 завршил ДСУ „Лазар Личеноски, Скопје, Р.Македонија -фигуративен техничар за применето вајарство, во класата на професорот Ангел Нацевски. Ангажиран е како уметнички соработник при Бигорскиот манастирски комплекс „Св. Јован Крстител“ Ростуше – Маврово како и одговорен за уметничкиот дел при манифестацијата „Денови на Смилевскиот конгрес“ – с. Смилево во 2024 година. Во периодот 2023-2024 е претседател на Друштвото на ликовни уметници – Битола (ДЛУБ).
Од 2004 е редовен учесник и реализатор на групни изложби во Италија, Македонија и Грција. Изработил сценографии за културниот настан „Денови на тортонската култура“-Тортона, како и скулптури за театрската претстава „Момчето од задната клупа“ во соработка со современиот уметник Чезаре Виел во Џенова.
Од 2012 е активен соработник и учесник во возобновувањето на Бигорскиот манастирски комплекс. Има релизирано разни циклуси на сакрално сликарство во Дебарско-кичевската и Преспанско-пелагониската епархија.
Член на ДЛУБ и ДЛУГ, како и дел од уметничкото дуо „Двајца Привремени/Two Temporary”, заедно со уметникот М-р Перо Кованцалиев.
Од 2017 живее во Битола.

Македонски









