
Кумановската уметница Марина Цветановска Мартиновска на покана на „Галерија 73“ изложи дела од нејзината последна изложба „Празни недостатоци“, информираше денеска уметницата.
Изложбата беше отворена од 3 до 9 јуни, а се реализираше на покана на галеријата. Уметницата се претстави со современа ликовна изложба што ги надминува традиционалните формални и тематски граници на уметничкиот израз. Изложбата опфати просторна инсталација-скулптура, ѕидни и аголни инсталации, релјефи-објекти, и картонски форми со огледални фолии, текстилни ленти и силиконски или алуминиумски конец.
Проучувајќи ја празнината како вакуум, дупка, недостиг, пропуст, шуплина, таа веќе не е само физичка и естетска, туку морална и ментална. Овие синоними рефлектираатлична и сечовечка приказна за празното и празнината како емоционален недостиг и духовна болка, како саморефлексија-соочување на самите со себе, како личен и универзален печат на еден простор, на едно историско време-идентитет, на еден миг-сеќавање, пишува кураторот Драгана Спасковска.
Авторката нуди минималистички пристап и концептуален модус, кој е носечкиот белег на нејзиното творештво.
Можеме да заклучиме дека Марина Цветановска Мартиновска, успешно одговори на современиот ликовен тренд, нудејќи, но и барајќи одговори за сложени филозофски поими и догми, додава Спасковска.
Марина Цветановска Мартиновска завршува постдипломски студии по вајарство на ФЛУ под менторство на проф. Станко Павлески. Член на ДЛУМ од 2000 год. Вработена како ликовен педагог во ОУ „Браќа Миладиновци“ Куманово, автор е на повеќе самостојни изложби во земјава и странство: САД, Франција, Турција, Германија, Црна Гора и други, учесник на многу групни изложби и интернационални ликовни колонии и добитник на награди.