Skip to main content

Изложба на фотографии „Јадрански минијатури“ на Тончи Станчиќ во КИЦ

Во Културно-информативниот центар во Скопје вечерва во 18.30 часот ќе биде отворена изложбата на фотографии „Јадрански минијатури“ од Тончи Станчиќ.

Секоја фотографија, во својата суштина, е обид за припитомување на неуловливото, а делата на Тончи Станчиќ ни го носат токму тоа – визуелни партитури во кои светлината не служи само како технички предуслов, туку како главен протагонист и градбен елемент. Авторот на овие фотографии често го нарекуваат „мајстор на деталот со око на патник“, бидејќи тој не настапува како обичен набљудувач што пасивно ја бележи стварноста; тој, како некаков современ алхемичар, ја преобразува во субјективна визија, нудејќи ни „поглед кон естетиката на неуловливото“, во кој се бришат границите меѓу виденото и почувствуваното, вели м-р Влахо Бранѓолица, автор на текстот во каталогот.

Тончи Станичиќ (Сплит, 1954) е хрватски фотограф и поранешен дипломат. Дипломирал на Правниот факултет во Сплит во 1977 година, каде што работел како асистент и предавач по кривично право од 1978 до 1992 година. Магистрирал на Правниот факултет во Загреб во 1985 година. Од 1992 до 2019 година, имал високи позиции во Министерството за надворешни работи на Република Хрватска, вклучувајќи ги позициите заменик-амбасадор, помошник-министер и амбасадор во неколку европски градови.

Со фотографија се занимава уште од младоста. Од 2007 година, изложува на самостојни и групни изложби, меѓу кои се издвојуваат „По патот…“, „Чекор зад реалноста“ и „Босна и Херцеговина и други приказни“. Неговите дела се претставени и на онлајн изложба на платформата Fotosofia.

Поврзани вести