
ЈУ Младински културен центар – Скопје 4 март 2026 година (среда), од 13:00 до 18:00 часот,
„МАРТИНКИ – ТРАДИЦИЈА ШТО ТРАЕ“
на Марија Младеновска Митровска
Изложбата претставува избор од рачно изработени мартинки создадени низ повеќе од 35 години континуирана работа, како и документарен материјал од нивната меѓународна презентација во Варшава, Полска.
Мартинките се традиционален обреден симбол поврзан со доаѓањето на пролетта, здравјето и добрата среќа. Во творештвото на Марија Младеновска Митровска тие се појавуваат како спој на наследена традиција, личен ракопис и современа визуелна интерпретација.
Во 2024 година дел од нејзините изработки беа претставени во Варшава во рамки на меѓународен настан посветен на обичајот на мартинките, впишан во 2017 година на Репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на УНЕСКО како мултинационална номинација на Македонија, Бугарија, Романија и Молдавија.
Во рамки на овие процеси, иницијативата и долгогодишната посветеност на авторката кон зачувувањето и промоцијата на мартинките се валоризирани и препознаени во контекст на активностите поврзани со нематеријалното културно наследство.
На отворањето свое обраќање ќе има м-р Ивона Опетческа Татарчевска, виш соработник за фолклорни добра во Управата за заштита на културното наследство и национален координатор за спроведување на Конвенцијата на УНЕСКО од 2003 година за заштита на нематеријалното културно наследство.
Со оваа изложба авторката пошироко се претставува пред домашната публика, прикажувајќи не само ракотворби, туку и континуитет – сведоштво дека традицијата живее сè додека се создава, се чува и се пренесува.

Македонски

