Skip to main content

Изложба „Линии и бои (интроспекции)” на Христо Петрески во КИЦ-Скопје

Изложба во МКЦ, Галерија 2, отворање во вторник 04.02.2025 во 20.00 часот

“Линии и бои (интроспекции)” на Христо Петрески 

Сликарот се изразува преку линии, форми и бои, а писателот преку зборови, симболи и метафори. Но, уметноста нема граници и бариери, односно тие се тенки и речиси непостоечки и невидливи, па идеите, емоциите и пораките се прелеваат, зрачат и значат. Оваа изложба, всушност, е уште една авторска интроспекција, еден оттргнат дел од мозаикот, парче душа, троа материјализиран облик и изблик, дел и фрагмент од просторот и времето…

Изложбата ќе трае до 14ти февруари

На 4.2.2025 година, роденденот на Гоце Делчев, во Галерија 2, со почеток во 20 часот, ќе се одржи самостојната ликовна изложба “Линии и бои (интроспекции)” на писателот Христо Петрески, кој активно се занимава и со сликарство и ликовна критика.

По свеченото отворање на изложбата, ќе настапат поголем број македонски писатели кои ќе читаат своја родољубива поезија.

Инаку, проф. д-р Христо Петрески досега има излагано свои ликовни дела на повеќе од 20 самостојни ликовни изложби (во Скопје, Радовиш, Битола, Кавадарци, Неготино, Демир Капија, Штип, Куманово, Прилеп, Охрид, Струга, Демир Хисар, Аранѓеловац, Шибеник…) и има учествувано на три меѓународни ликовни колонии (во Битола, Пелинце и Врањска Бања).

Основач е на традиционалната Мултимедијална колонија во Битола, како и на Галеријата на познатите во Скопје. Автор е на книгата “Ликовната уметност е она што (не) се гледа”.

Меѓународното списание “Диоген про култура” посвети цел тематски број за ликовното творештво од Христо Петрески.

… … …

Во уметноста одлучувачки фактор е слободата; на уметникот не му требаат совети и предлози, тој самиот доаѓа до сите решенија, па така и до нови техники. Тоа откривање е слично на кулинарските вештини – тајната е во малите работи, подобро кажано во – триковите. Необичните слики на Христо – КОРЕНИ – се пример за уметниковиот таен рецепт. Можам да коментирам еден дел од неговите слики, но јас ги преферирам портретите на женските ликови кои што тој ги ставил на пиедестал. Женските ликови имаат очи на разни делови од телото – тие очи се нивното непостоечко оружје коешто им дава СПОСОБНОСТ истовремено да перцепираат слики, дури и звуци кои доаѓаат од разни правци. За ова говори психологот Барбара де Ангелис. Како и секој уметник, Христо постојано се сомнева, но не треба да се плаши од критики, бидејки некои критикуваат по инерција, или пак, не критикуваат поради немање храброст да ги вреднуваат туѓите дела. Или едноставно остануваат рамнодушни, но доволно е да забележуваат и коментираат.

Неговите имагинарни портрети, всушност се идеализирана слика на трите жени од нашите животи. Во овој случај тоа се бабата, мајката и ќерката или бабата, мајката и внуката. Мажите свесно или несвесно тие три лика ги доживуваат како некој вид на себеспознавање, или пак, како идеализирање на поимот – жена! Портретите – цртежи, според мене не се скици, туку готови дела.

Често застапени се птиците, исто така тие цртежи јас ги гледам како завршени дела, посебно кога не се многу колоритни. Преубава е сликата на јато птици, заробени во вител на невреме и така збунети го бараат патот! На поголемиот дел од сликите гледам оптимистички симболи. Доминира ликот којшто Христо го “обележил” со разни атрибути на оптимизмот како што се: љубов, радост, цвеќе, мајчинство, пеперутки, срца… И многу обоеност! Ликот доминира и зрачи со внатрешната енергија. Христо има дилема: Дали со обоеност сликата може да се упропасти? – да, како и лошо обоените ѕидови во домот – како лошо одбрани бои во домот – како лошо нашминкана жена. Но, ова е само мое мислење, а уметникот самиот одлучува за се. Линиите на црно- белите цртежи се суптилни.Со благо нагласени очи и усни тој “зграпчува” израз и расположение на лицата. Сите тие лица изгледаат како цртани ликови кои излегуваат од филмската лента… И пак се враќаат во истиот простор. Некои ликови се во тесна врска со сликата – корени – женскиот лик вешто е инкорпориран во сликата – корени – и тој ја претставува природната сплотеност со семејството! Толстој рекол: ”доживеаното чувство, изразено со слика или збор, го подаруваме на другите и …ете, тоа е уметност”! Наполеон рекол: ”уметникот има успех кога е многу храбар или кога е многу скромен”. Јас ќе додадам дека големите дела настануваат поради големата болка или преголемата радост! Христо, со своите дела, секогаш е во потрага по Убавината и Вистината!

Невенка Томиќ,

преведувач и критичар

Поврзани вести