Skip to main content

Изложба и уметничка средба „Низ нишките на времето“

Францускиот институт во Скопје има чест да ве извести и да ве покани на изложба и уметничка средба „Низ нишките на времето“, која ќе се одржи во четврток, 6 февруари 2025 година, со почеток во 18:00 часот, во просториите на Институтот.

Оваа изложба претставува уникатна можност да се запознаете со делата на франкофонската уметница Изабела Соколовска, основач на „Еснаф“. Преку рачно изработени креации, Соколовска нуди една инаква перспектива на традицијата. На изложбата ќе бидат претставени рачно ткаени ремени и други уникатни уметнички дела, кои ја обединуваат традицијата со современата уметност. Секое изложено дело е рачно изработено, носејќи во себе спој на културното наследство и современата уметничка експресија.

Настанот ќе биде проследен со уметничка средба и разговор за изложените дела и креативниот процес на изработка. Ова ќе биде ретка можност за љубителите на уметноста да разменат идеи и впечатоци директно со уметницата.

„Еснаф“, основан во 2018 година, е мал бизнис посветен на зачувување и промоција на рачната изработка. Преку својот модел на фер трговија (Esnaf fair-trade), „Еснаф“ ги поддржува локалните уметници и лица што се занимаваат со креативни изработки.

Во рамките на својата посветеност кон локалната уметничка сцена, Францускиот институт во Скопје ќе продолжи да организира изложби и уметнички средби низ целата 2025 година. Ги покануваме сите љубители на уметноста да ни се придружат и да бидат дел од овие инспиративни настани.

Поврзани вести