Skip to main content

„Имате ли ритам“ – концерт за деца на Македонската филхармонија

Оркестарот на Македонската филхармонија, денеска и утре, со почеток во 12 часот ќе одржи два концерти за деца со наслов „Имате ли ритам?“ преку организирана училишта посета. Диригент е маестро Виктор Митревски, а аниматор е актерот Мартин Јорданоски, кој ќе ги воведе децата во тајните на ритамот и неговата разновидност.

Посетителите ќе имаат можност да слушнат композиции од класичната, но и од модерната музичка литература, во кои акцент е ставен токму на ритмичкиот импулс – дела од Смокварски, Калифе, Андерсон, Бернштајн, Штраус, Де Фаља.

Концертот ќе ги донесе звуците и ритмите на Македонија, Либан, Куба, Шпанија…, а Јорданоски низ игра и хумор ќе се обиде да ги анимира децата „свирејќи“ на разно-разни предмети, докажувајќи дека ритамот го има насекаде околу нас. Овој пат посебно ќе се истакнат перкусионистите од оркестарот на Македонската филхармонија, кои ќе приредат и едно изненадување, а на сцената ќе настапат и неколку талентирани деца.

Поврзани вести