
Денес од печат излезе новиот роман „Есента на животот“ од омилениот писател на македонските читатели, Бернхард Шлинк, во издание на „Или-Или“. Германскиот автор е еден од оние чие објавување на нова книга секогаш предизвикува фино чувство и врвна читателска возбуда. Токму затоа многу читатели кај нас со нетрпение го очекуваат секое негово дело. Романот е уште едно ремек-дело од мајсторот на пишаниот збор и одличниот проникнувач во скриените одаи на човековата психологија! Преводот од германски на македонски јазик е на Ксенија Чочкова, а излегувањето на книгата е поддржано од Министерството за култура и туризам.
Во „Есента на животот“, 76-годишниот Мартин се соочува со немилосрдна дијагноза: му остануваат само неколку месеци од животот. Неговата најголема грижа не е самиот крај, туку оние што ги остава зад себе – младата сопруга и малиот син. Во обид да пренесе нешто што ќе трае подолго од неговото присуство, Мартин започнува да пишува писмо – водич низ животот, исполнет со размисли за љубовта, верата, потеклото и смислата. Но, додека се обидува „сè да направи како што треба“, животот и понатаму го изненадува со нови предизвици и вистини што не може да ги избегне.
Со својот препознатлив јасен и длабоко човечки стил, Шлинк создава трогателна и мудра приказна за простувањето, семејството и уметноста да се живее – дури и кога времето истекува.

Бернхард Шлинк (1944г. Билефелд, Германија) е правник, професор и еден од најзначајните писатели од поновата германска литература. Тој ја започнува својата писателска кариера со крими-романи, за кои добива повеќе награди. За својот прв роман со некриминална тематика, „Читачот“, кој е преведен на повеќе од 50 јазици, Шлинк добива бројни награди и признанија. Потоа ги објавил романите „Враќање дома“, „Викенд“, „Жената на скалите“, „Олга“, „Внука“, како и збирките раскази „Бегства од љубовта“, „Летни лаги“ и „Боите на разделбата“. „Есента на животот“ е неговиот најнов роман.

Македонски


