
На 10 септември (четврток), во 19 часот, во КСП Центар – Јадро ќе биде отворена групната изложба „Да се мисли со материјата: Четири лекции од водата и земјата“, која ги обединува уметничко-истражувачките практики на Валбона Фејза, Христина Крстеска, Ивана Самандова и Викторија Попоска. Изложбата, курирана од Јованка Попова и организирана од Проектен простор Прес ту егзит, ќе биде отворена за јавноста до 14 септември.

Поаѓајќи од конкретни места, материјали, локални истории и знаења, четирите уметнички ги преиспитуваат нашите односи со природата и сложената мрежа на меѓузависности што нè поврзува со повеќе-од-човечките светови од кои и самите зависиме.

Насловот „Да се мисли со материјата“ предлага поместување од разбирањето на природата како пасивна заднина на човечкото дејствување и како ресурс што може да се организира, експлоатира и претвора во вредност. Материјата носи сопствени истории, времиња и траги: пресушеното речно корито ја носи историјата на инфраструктурата што ја пренасочила водата; карпата ја носи геолошката историја на пределот, но и трагите на екстракцијата; текстилот ги поврзува материјалот и техниката со невидливиот труд и наследувањето; отпадот продолжува да сведочи за системот на производство и потрошувачка и откако предметот ја изгубил својата првична функција. Во таа смисла, материјата не е само предмет на уметничкото истражување, туку и начин преку кој можат да се читаат промените во средината и последиците од човековото дејствување.

Оттука, четирите „лекции“ означуваат различни начини на приближување кон материјата и препознавање на знаењата што произлегуваат од односот со неа. Преку теренска работа, разговор, документација и непосредна работа со материјалите, уметничките ги поврзуваат прашањата за тоа како го осознаваме светот со потребата критички да дејствуваме во него. Нивните практики го насочуваат вниманието кон процеси што честопати остануваат надвор од јавниот поглед: исчезнувањето на локалните практики и знаења, екстракцијата на ресурсите, загадувањето и последиците од прекумерната потрошувачка.

Во основата на изложбата е и грижата како одговорност, која не се однесува единствено на негување и заштита, туку и на загриженоста пред она што е загрозено, нарушено или исчезнува. Кога таа загриженост станува причина да се истражува, да се оди на терен, да се разговара, документира и да се направат видливи процесите и последиците што остануваат занемарени, грижата станува форма на ангажман и дејствување.
Изложбата е дел од програмата „Училиште за грижливи иднини во Скопје“, која се одржува од 10 до 12 септември, во организација на Проектен простор Прес ту егзит, а се реализира во партнерство со Маргарете Маковец од < rotor > Центарот за современа уметност од Грац, Ајете Керкели од Фондација 17 од Приштина, Вида Кнежевиќ од Контекст колектив од Белград, Елке Красни од Академијата за ликовни уметности Од Виена и локални партнери. Настанот ја означува првата фаза од повеќегодишниот проект „Семиња на солидарноста – Уметнички практики и екофеминистички сојузи за грижлива иднина“.
Проектот е инициран од Сојузното министерство за европски и меѓународни прашања на Австрија и Одделот за култура на покраината Штаерска, кој придонесува со својата мрежа St.A.i.R. (Styria Artists-in-Residence), нудејќи програми за уметнички резиденции во балканскиот регион и во Штаерска. Изложбата е поддржана и од Амбасадата на Австрија во Република Македонија.
Валбона Фејза, „Мајчина земја“
Фото: Tisure Studio
2. Викторија Попоска, „Убавината на минливоста“
Фото: PrivatePrint @fillbilll
3. Ивана Самандова, „Реки во урнатини: Мапирање на неизвесностите“
4. Христина Крстеска, „Инхерентно инертни“
Фото: Даниел Јаковлески

Македонски


