
Националната галерија го најавува отворањето на изложбата на Васил Василев насловена „Континуитет како метафора 1967 – 2012 / 2012 – 2025“, на 17 октомври 2025 година (петок), во 19 часот во објектот Даут пашин амам.
Скулпторскиот опус на Васил Василев е еден континуум на темелни, истрајни и инвентивни истражувања. И покрај тоа што неговиот развоен пат се движеше од конкретни фигуративни облици, до сведување на фигурата на знак, основните параметри не се променија, како и односот кон објектот. Без оглед на одредени стилски поместувања во ракописот, зависни и од матрицата на непосредни или посредни инспиративни доживувања, неговиот ликовен опус дозволува да се дефинира низ варијациите кои се одвиваа внатре во една усвоена и со време доградувана и надградувана ликовна синтакса.
Асоцијативните вертикали, дел од последниот циуклус на Василев, се резиме на сите атрибути на неговото обликовно размислување, преведени и пренесени со минимални формални содржини, со концентрирање на оние круцијални севкупости на негово дело: конкавни и конвексни, мазни и рапави, темни и светли површини, содржини на растот на нивното вертикално градење, наизмнично сменување, мултиплицирање, до затворање во рамка. Рамката е начин на потенцирање, истакнување, но и смирување на разиграната, ритмична обликовна, структурална шема во јадрото, онаа слична постапка што се јавува уште во неговите дела од осумдесеттите години (Ритам, 1983), сега со еден позатворен статички ритам и посимплифицирана форма.
Василев е роден е во 1938 година во Скопjе. Академиjа за ликовни уметности запишал во Љубљана (Словенија) во класата на проф. Борис Калин и проф. Драго Тршар. Студиите ги продолжил во Белград (Србиjа) каде и дипломирал во 1965 година на Академиата за ликовни уметности, во класата на проф. Jован Кратохвил. Член е на ДЛУМ од 1966 година. Остварил студиски патувања во: Италија, Франција, Германија, Грција, Бразил, Египет, Кина, САД…
Куратор на изложбата е Викторија Васева Димеска, организатори се Маја Неделкоска Брзанова, кустос советник и Александра Зиновски Вилиќ, кустос. Изложбата ќе биде поставена во наредните 30 дена.