
Изложбата „Мајски салон 2025“, традиционална клупска изложба на фото киноклуб „Козјак“ ќе биде отворена утревечер во занаетчискиот дом со почеток во 19:30 часот, соопштија на денешната прес-конференција организаторите од клубот. Во среда и четврток пак, како што најавија од „Козјак“ Куманово ќе се одржи седмото издание на фестивалот на краток филм „ФИЛМАЈ 2025“ во занаетчиски дом – Куманово. Двете вечери ќе бидат со почеток во 20 часот, влезот за посетителите ќе биде бесплатен.
Изложбата како што информираше на прес конференцијата, претседателот Милош Нешковски. „Мајски салон 2025“. содржи 35 фотографии од членови на клубот, внимателно селектирани според критериумите на уметничка и техничка издржаност.
Изложените фотографии претставуваат автентични визуелни интерпретации на реалноста, прикажани низ објективот на авторите. Љубовта кон фотографијата, личната перспектива и чувството за моментот се препознатливи во секое дело, кажа Нешковски.

Од клубот нагласија дека функционираат речиси осум децении, бидејќи е основан во 1948 година и оттогаш непрекинато делува на полето на визуелните уметности во Куманово и пошироко. Покровители на изложбата се Општина Куманово, Фондацијата за култура и спорт – Куманово и компанијата К-Нет, поддржана од Фото Сојузот на Македонија.
Фото Кино Клубот „Козјак“ го организира и седмото издание на ФИЛМАЈ 2025 – фестивалот на краток филм. Драган Денковски од клубот, инфорираше дека ќе бидат прикажани наградените филмови: турскиот „Скоро целосна измислица“ режиран од Чансу Бајдар, рускиот „Достоинствено“ со Никита Белај како директор на фотографија, „Дрвја намачкани со катран“ (Данска) по сценарио на Михаел Кунов, заедно со најдобриот домашен филм „Прошетка“ режиран од Елеонора Венинова, како и „Посетителите на Амаја“ (Шпанија) како најдобар краток филм. Посетителите проследат и единаесет официјално селектирани филмови од вкупно 256 пристигнати пријави од 40 земји, што сведочи за растечкиот меѓународен интерес кон ФИЛМАЈ. Жирито годинава го сочинуваа актерот и сценарист Никола Кузелов, режисерката Лавинија Софрониевска Лошков и шпанскиот режисер Пол Диглер.

Филмовите ќе бидат прикажани со македонски превод, на големо платно со соодветен технички квалитет. Организаторите изразија задоволство што фестивалот од година во година ја зголемува својата видливост и квалитет, и се надеваат дека во иднина ќе привлече и повеќе меѓународни гости и соработки. Од клубот ја поканија јавноста да ја проследат изложбата и двете филмски вечери.