Skip to main content

Државната награда „Гоце Делчев“ доделена на група автори за научното дело „Македонски дијалектен атлас“

Државната награда „Гоце Делчев“ за 2025 година денеска им беше доделена на  група автори: проф. д-р Веселинка Лаброска, академик и проф. д-р Марјан Марковиќ, проф. д-р Коста Пеев, проф. д-р Васил Дрвошанов, проф. д-р Еленка Стоевска-Денчова, проф. д-р Светлана Давкова-Ѓоргиева, проф. д-р Гоце Цветановски, д-р Ангелина Панчевска, м-р Соња Миленковска, д-р Давор Јанкуловски, д-р Македонска Додевска, д-р Дарко Томовски, м-р Ѓорѓе Геновиќ, постхумно на проф. д-р Аритон Поповски, проф. д-р Маријана Киш и проф. д-р Убавка Гајдова за научното дело „Македонски дијалектен атлас“ (од ризницата на картотетката-лексички материјали)“.

На доделувањето на наградата во Собранието присуствуваше министерката за образование и наука Весна Јаневска, која истакна дека со државната награда „Гоце Делчев“ се оддава општествено признание за особено значајно остварување во сите области од науката од интерес на Македонија. 

Научното дело „Македонски дијалектен атлас“ (од ризницата на картотеката-лексички материјали), изработено од група автори,  ја отсликува работата на сите претходници и современици, а со тоа исцртува не само слика за лексичкото богатство на македонската дијалектна територија, туку и слика за долгогодишната ангажираност на дијалектолозите во овој мошне значаен проект за македонистиката и за славистиката.  На добитниците на наградата им упатувам искрени честитки и им посакувам уште поголеми успеси и значајни научни достигнувања во иднина, потенцира министерката за образование и наука, рече Јаневска.

Министерката Јаневска нагласи дека државата има должност да создава услови за напредок на науката, истражувањето и иновациите и со тоа да помага во креирањето на глобалните позитивни промени. За Владата, како што рече, унапредување на националниот научно-истражувачки екосистем е еден од програмските приоритети и во изминатите неколку месеци, значително е подобрен третманот на науката и на високото образование, преку зголемени инвестиции, но и преку јакнење на регулативата која ги уредува овие области.  

Прв наш чекор во таа насока беше изработката на Предлог Националната програма за научно-истражувачка дејност – стратешки документ кој долго време недостасуваше во креирањето на релевантни политики.  Сега работиме на нови законски решенија за високото образование и научно – истражувачката дејност, кои треба да обезбедат повеќе права и можности за засегнатите. Дел од вас присутните се вклучени во процесот на нивно креирање и очекувам до крајот на годината да ги имаме новите закони, рече Јаневска.

Во однос на расположливите средства за наука, истражувања и иновации, таа изрази благодарност до сите владини членови, кои, како што рече, поддржаа да издвоиме и усвоиме најголем буџет досега, кој изнесува 680 милиони денари, и речиси двојно е поголем од ланскиот.

Започнавме со негова распределба. Веќе се објавени три конкурси за финансирање на национални научно истражувачки проекти на јавните високообразовни и научни установи, на МАНУ и проекти изработени во партнерства со бизнис заедницата, со фокус на исполнување на целите од Стратегијата за паметна специјализација.  Преку трите конкурси ќе се доделат 376 милиони денари, па еве, денешнава е уште една добра прилика да ги повикам сите научници и истражувачи, како и компании посветени на науката и истражувањата, да креираат и да аплицираат со иновативни проекти, посочи министерката Јаневска.

Според неа, овие мерки се дел од нашата визија за модерна, отворена и конкурентна држава, заснована на знаење, иновации и наука. – Ќе продолжиме со уште посилен фокус и посветеност кон создавање услови за научен развој и меѓународна соработка, најави Јаневска. 

Претседателот на Одборот за доделување на наградата „Гоце Делчев“ академик Живко Попов им го врачи признанието на годинашните добитници. Од името на наградените се обрати проф. д-р Веселинка Лаброска, која истакна дека авторите на овој атлас претставуваат пример за сплотеност и соработка меѓу Интитутот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и Истражувачкиот центар за ареална лингвистка (ИЦАЛ) при МАНУ.

Добивањето на ваква престижна награда, како што рече, обврзува да работиме уште посплотено и да покажеме дека тимската работа поткрепена со индивидуална одговорност е вистинската формула за успех, не само во лингвистиката, туку  во сите сфери.

Народот што сам се цени, си го цени најпрво сопствениот јазик, јазикот на кој ги обликува своите мисли и чувства, а потоа ги учи другите јазици. Наш јазик е македонскиот и за нас тој е најубавиот и најбогатиот јазик, потенцира Лаброска.