Skip to main content

Диригентот Виктор Митревски настапи во Операта во Малме

Македонскиот диригент Виктор Митревски, кој живее и работи во Виена, на 8 и 10 јануари настапи како гостин диригент во Операта во Малме, Шведска во новата продукција на една од најизведуваните опери од Моцарт – „Така прават сите“ („Cosi fan tutte“).

Оваа поставка на „Така прават сите“ носи поднаслов „Училиште за љубовници“ и претставува модерна интерпретација на Моцартовото ремек-дело. Станува збор за хумористична и модерна интерпретација на операта од Моцарт чие дејствие се одвива на сосема неочекувана локација: „Икеа“. Во оваа верзија Алфонсо работи во „Икеа“, користејќи ја продавницата како сцена за својот клинички експеримент за трајноста на љубовта. Данската режисерка Катрин Видеман, која претходно ја постави оваа продукција во Осло, му даде современ и хумористичен контекст на ова класично оперско дело. Костимите и дизајнот на Маја Равн ја трансформираа „Икеа“ во перфектен подиум за истражување на љубовните врски, преку класичната битка на фразата „да се средат нештата“, без разлика дали станува збор за мебел и за љубов.

Виктор Митревски студиите по диригирање ги започнува класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар на ФМУ во Скопје. Во 2016 година, ги завршува студиите по хорско диригирање на престижниот Универзитет за музика и применета уметност во Виена, во класата на Ервин Ортнер. Следната година дипломира и оркестарско диригирање на истиот универзитет во класата на проф. Симеон Пиронков и Урош Лајовиц со концерт со Словачката Филхармонија. За време на студиите е активен учесник на неколку семинари со познати диригенти како Фабио Луизи, Симоне Јанг, Бертранд де Били, Јоханес Шефли и др. Во 2012 дебитира во Македонската Опера и Балет со „Аптекарот“ од Јозеф Хајдн, во 2014 диригира со Балтичката Филхармонија во Гданск, Полска. Во 2017 година следува успешното деби во Виена и тоа во Theater an der Wien со експерименталниот проект Wir befreien Eurydike („Ја ослободуваме Евридиче“). Истата година соработува со еден од најталентираните млади диригенти во Австрија, Рафаел Шлусенберг со кој што ја поставуваат операта „Дон Џовани“ во Ваидхофен ан дер Ибс, а следната и во Виена. Веднаш потоа ја диригира „Грабнување од сарајот“ и „Свадбата на Фигаро“ . Во 2019 следи дебито со Македонската Филхармонија, а една година подоцна диригира и со „Скопски солисти“. Во 2020 е асистент диригент на Лео Хусеин во изведбата на светската премиера „Хамлет“ на Јозеф Самер во Русе, Бугарија. Денес, Виктор Митревски живее и работи во Виена, во Theater an der Wien во тесна соработка со хорот „Арнолд Шенберг“.

Поврзани вести