Skip to main content

„Димитар Кондовски и Македонските бајки“ – нова изложба во Музејот на Македонија

Музејот на Македонија на 25 декември 2025 година, со почеток во 19 часот, ќе ја отвори изложбата „Димитар Кондовски и Македонските бајки“ – калеидоскоп од светот на бајките на Димитар Кондовски. Овој уникатен проект ја оживува уметничката магија на еден од најистакнатите македонски сликари и илустратори, чиј опус трајно ја обележа современата македонска визуелна култура.

Димитар Кондовски (1927–1993) остави зад себе богато творештво што спојува модерна стилизација со византиско-средновековни мотиви, орнаментика и симболика. Во центарот на оваа изложба се илустрациите создадени во периодот од 1982 до 1984 година, инспирирани од македонските бајки и народни приказни. Резултатот од тој творечки процес се седум бајки со вкупно 82 илустрации, кои претставуваат вистинско богатство на боја, фантазија и симболика.

Изложбата ги прикажува делата со кои Кондовски го претвора народното предание во визуелен универзум, обоен со светлината на македонското сонце, етнолошките мотиви и карактеристичните обичаи. Секој цртеж открива дел од митологијата што ја гради нашата колективна имагинација – свет исполнет со волшебства, јунаци и симболични детали.

Во предговорот за овие илустрации, академик Блаже Конески ќе истакне дека Кондовски „го постел просторот на нашата бајка“, создавајќи волшебен свет каков што може да се роди само од длабока инспирација и љубов кон културата.

„Димитар Кондовски и Македонските бајки“ претставува не само омаж кон големиот уметник, туку и потсетник дека уметноста е духовен водич – патување во кое детето учи да сонува, а возрасниот ја буди бајковитата убавина во себе.

Поврзани вести