
Работилниците за мозаик периодов се реализираат во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“, каде што учесниците имаат можност да стекнат практични знаења од областа на мозаикот, како и да се запознаат со геолошките специфики на Пелагонискиот Регион, особено со мермерот и минералот Corund, од кој, со техничка јувелирска техника на брусење, се добива уникатниот јувелирски полускапоцен камен рубин. Активноста е дел од поширок проект, кој опфаќа обука за традиционалните занаети, меѓу кои филигранот, каменото ѕидарство, столарството, билкарството и есенцијалните масла.
На централниот настан, кој ќе се одржи на 16 април, работилницата за мозаик во ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ ќе ја посети амбасадорот на Словенија, Грегор Прескер, како и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
За потсетување, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, предводено од Сања Божиновска, минатата година го стави во фокус прашањето за заштита и промоција на рубинот како автентичен македонски природен ресурс и национален бренд. Станува збор за минерал со особено значење, поврзан со мермерните наоѓалишта во Пелагонискиот Регион, особено на локалитетот Беловодица, кој претставува единствен геолошки феномен во земјава. Иницијативата има цел не само институционална заштита туку и одржливо управување и валоризација на рубинот преку негово вклучување во креативните индустрии, туризмот и едукативните процеси. Од Министерството најавуваат дека заштитата на рубинот ќе значи и негова поголема меѓународна видливост, но и отворање нови можности за локален економски развој, особено преку поддршка на младите претприемачи, уметници и занаетчии.
Оваа иницијатива се надоврзува и на активностите од проектот „Вештини – клучот на зелената економија“, каде што рубинот се користи како инспирација и ресурс во обуката за мозаик, филигран и развој на иновативни бизнис-идеи, со што дополнително се зајакнува неговата улога како симбол на спојот меѓу природата, традицијата и современото претприемништво. Проектот има цел да поттикне развој на претприемачките вештини кај младите, вклучително и лицата од различни социјални групи, преку иновативно користење на природните ресурси и на традиционалните знаења. Во фокусот на мозаичната работилница е примената на рециклираните геолошки материјали, како основа за креативните индустрии, екодизајнот и новите бизнис-идеи.
Дел од активностите веќе се реализираа во Прилеп, каде што учесниците поминаа обука за филигран и рубин, а тимот на Амбасадата на Словенија и МРК Дијалог/ Nature Expedition го посети и мермерниот комплекс во селото Беловодица – природен хабитат на рубинот. Завршните мозаични дела, создадени во рамките на работилниците, ќе бидат поставени токму во овој геолошки локалитет, како и во просториите на Министерството за енергетика.
Предвидено е и јавно изложување на изработените мозаици во рамките на завршниот настан на ДСУЛД „Лазар Личеноски“ на почетокот од јуни, по што ќе следува нивна трајна инсталација во геолошкиот парк „Беловодица“.
Проектот „Вештини – клучот на зелената економија“ е поддржан од Амбасадата на Словенија во Скопје и од Фондот за развој при Министерството за надворешни и европски работи на Словенија, а го реализира Здружението на граѓани за развој на комуникации „Дијалог“.

Македонски


