Skip to main content

Дали денеска по 150 години Ана има шанса да победи?

Перипетија продукција

Дали светот е навистина променет, дали ние луѓето сме навистина променети, дали денеска после 150 години Ана има шанса да победи се прашањата кои ги отвора театарската претстава „Анна“ по текст на Драгана Лукан Николовски, а во режија на Нина Николиќ која вечерва премиерно ќе биде изведена на малата сцена на Театар Комедија (20 часот).

Ова е десетта премиера на Театар Комедија за 2025 година. Првата реприза е утревечер во истиот термин.

Станува збор за праизведба на текстот којшто е дел од проектот „Трилогија за љубовта“ на авторката во кој се содржани уште и драмите „Марта Верина“ и „104“.

Драма инспирирана од „Ана Каренина“ но не претставува нејзина драмска адаптација, велат од Перипетија Продукција.

Ана има сè – углед, стабилност, совршено семејство. Но зад затворените врати се крие една друга вистина: таа е невидлива во својот живот. Кога се среќава со Алексеј, страста ѝ дава илузија за слобода. Но, дали навистина може да се ослободи? Драма за жената која избира да има избор и да ја плати цената на својата одлука. За бракот во кафез и бунтот кој станува ново ропство. За вечното прашање: што губиме кога се обидуваме да се најдеме?

Во претставата играат: Маја Љутков, Благој Веселинов, Саша Ханџиќ и Маја Зеќо, сценографијата е на Илина Ангеловска, костимите на Ивана Каранфиловска Угуровска, а музиката на Оливер Јосифовски.

Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на РСМ и од Гете институтот, а се реализира како копродукција помеѓу Перипетија продукција и Театар Комедија.

Поврзани вести