
„Брачно советување“, на Градско позориште Јазавац од Бања Лука (Босна и Херцеговина), е прогласена за најдобра претстава на 12.Меѓународен фестивал на комедијата „Гола месечина“, што заврши синоќа, а се одржуваше во Парк Аеродром (Авионче) во општина Аеродром.
За најдобра режија награда доби Дејан Пројковски („За нас почнува живот“, Здружение МАНА, Скопје, Македонија), за најдобра машка улога Иван Томашевиќ („Вонбрачна комедија“, Сцена Маска, Шабац, Србија), за најдобра женска улога – Глорија Дубељ и Ива Шимиќ Шакороња („Ива и Глориа“, Театар Керекеш, Вараждин, Хрватска), а за најдобра епизодна улога – Душан Симиќ („Вонбрачна комедија“, Сцена Маска, Шабац, Србија).
Одлуката за наградите ја донесе жири комисијата во состав: Кристина Ласовска, Оливер Јосифовски, Мими Ристов.
На последната фестивалска вечер настапија актерките Глорија Дубељ и Ива Шимиќ Шакороња со претставата „Ива и Глориа“ на Театар Керекеш од Вараждин, Хрватска. По нивниот настап следуваше стенд ап настап на Бојан Велевски, а вечерта заврши со свеченото доделување на наградите, соопшти организаторот на фестивалот Театар комедија.