
ЈУ Универзална сала – Скопје и Град Скопје го објавија јавниот повик за учество во програмските активности на „Бела ноќ 2026“, која годинава ќе го има своето 22. издание.
Една од најпрепознатливите културни манифестации во Скопје повторно ќе понуди разновидна програма на повеќе локации во централното градско подрачје, со цел да ги претстави уметноста, современото творештво и креативниот потенцијал на градот.
Овогодишното издание на „Бела ноќ“ ќе се одржи во текот на првиот викенд од октомври 2026 година, на повеќе централни локации низ Скопје.

Јавниот повик е наменет за уметници, автори, изведувачи, групи и колективи кои сакаат со свои идеи и проекти да придонесат кон збогатување на културната понуда на градот.
На повикот можат да се пријават проекти од повеќе области:
– визуелни уметности – ликовна уметност, фотографија, инсталации, видеоарт и стрип;
– применети уметности – архитектура, визуелен, индустриски и веб-дизајн, мода, дигитални креации, видеоарт и инсталации;
– музика;
– филм;
– театар;
– јавна уметност;
– урбани изведби и перформанси.
Предложените проекти ќе ги разгледува и селектира стручна жири-комисија, а при изборот ќе се земат предвид квалитетот на проектот, иновативноста и оригиналноста на идејата, афирмирањето и презентирањето на современото творештво, промовирањето на урбаната култура и јавната уметност, како и усогласеноста со концептот на манифестацијата.
За учество потребно е заинтересираните да достават уредно пополнета апликација, придружена со:
биографија со основни и контакт-податоци за уметникот, изведувачот или групата;
детален опис на проектот, предвидените активности и учесниците, како и предлог за потенцијална локација;
финансиска конструкција на проектот.
Апликациите и придружната документација можат да се достават лично на адресата бул. „Партизански одреди“ бр. 22, во зградата на Библиотеката „Браќа Миладиновци“, секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот.
Пријавувањето може да се изврши и електронски на [email protected].
За дополнителни информации заинтересираните можат да се обратат на телефонскиот број 070 379 448.
Краен рок за пријавување е 18 септември 2026 година.
Со овој повик, „Бела ноќ 2026“ повторно ги отвора вратите за нови идеи, современи уметнички изрази и креативни проекти кои ќе ја збогатат културната енергија на Скопје и ќе придонесат градот во една ноќ да стане голема сцена за уметност и култура.

Македонски



