
Софија– Македонската филхармонија, заедно со Софиската и Солунската филхармонија, вечерва во салата на НДК во Софија, ќе ја изведе сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф, под диригентската палка на маестро Најден Тодоров.
Овој проект беше договорен кон средината на минатата година по иницијатива на маестро Тодоров, како своевиден симбол на културната соработка во регионот. На вечерашниот концерт, сцената ќе ја делат над 250 музичари музичари и солисти од трите земји, а првичната идеја е овој концерт да се повтори и во Скопје и во Солун.
Како солистка ќе настапи нашата сопранистка со интернационалната кариера – блескавата Ана Дурловски, грчкиот тенор Николас Спанос и бугарскиот баритон Иво Јорданов (Бугарија).
Пред вечерашниот настап, директорот на Македонската филхармонија, Александар Котевски ја истакна големината и значењето на еден ваков грандиозен проект и најави фантастичен концерт.
Секој ваков настап, особено за еден ваков грандиозен проект во кој на сцената ќе се претстават над 250 учесници е одлична можност за музичарите меѓу себе да разменат музичко искуство, споделувајќи ги своите вештини, коментари, штриховна техника, интерпретација и, се разбира, под диригентската палка на маестро Најден Тодоров јас сум сигурен дека резултатот кон публиката ќе биде фантастичен, рече Котевски.