
Еден загинат, тројца повредени, директен судир на експресен пат и обвинение за тешко кривично дело против безбедноста во сообраќајот. Ова е суштината на судскиот предмет против Ива Михајлова од Кочани, која деновиве се појави во Бугарија и покрај судските забрани за напуштање на Кочани и преминување на државната граница. „Скопје1“ дојде до детали што откриваат за што конкретно се гони Михајлова и што досега било изнесено како доказ пред судот.
Наспроти претставувањето на случајот во дел од јавноста како прогон поради нејзиното бугарско национално самоопределување, обвинителниот предлог не содржи обвинение поврзано со национална припадност, јазик или политички ставови. Михајлова е обвинета за сообраќајна несреќа во која загинал човек, а други тројца биле повредени. Дали обвинението е докажано, треба да утврди судот, пред кој постапката сè уште се води. Но таа наместо одбрана, реши да избега од Македонија и од Бугарија да посочува дека не знае дали ќе се врати.
Според обвинителниот предлог на Основното јавно обвинителство Кочани, несреќата се случила на 7 октомври 2025 година, околу 9:17 часот, на експресниот пат А3 Делчево – Штип, на делницата Кочани – Три Чешми, во близина на старата подлошка крстосница, спроти магацинот „Магнолија“.
Обвинителството тврди дека Михајлова управувала со автомобил „фолксваген поло“, со бугарски регистарски таблички, со брзина од 86 километри на час. Според обвинението, на тој дел од патот со сообраќаен знак било дозволено движење со најмногу 60 километри на час.
Во обвинителниот предлог се наведува дека Михајлова не го задржала возилото во својата коловозна лента, туку преминала на левата страна од патот, наменета за возилата од спротивната насока. Во тој момент оттаму се движел „рено меган сценик“. Следувал директен судир на предните леви делови од двата автомобила.
Во „реното“ се превезувале четири лица. Сопатникот Бесим Дурмиши од скопски Љуботен завршил со тешки повреди на главата, мозокот, градниот кош и други делови од телото, по што починал истиот ден, во Клиниката за трауматологија во Скопје.
Возачот се здобил со тешки телесни повреди, меѓу кои повеќекратни скршеници на ребрата, повреди на внатрешните органи и сериозни крвавења. Другите двајца сопатници, според обвинението, се здобиле со телесни повреди.
Поради ова, Обвинителството ја товари Михајлова за кривичното дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.
На судењата против неа веќе се изведуваат докази и се сослушуваат сведоци и вештаци.
Повеќе на Скопје1.мк

Македонски


