Skip to main content

Тримесечно бебе спасено по пријава за насилство во Тетово, две лица приведени

Фрипик

Полицијата во Тетово приведе две лица по пријава за можно насилство врз тримесечно бебе, информираа од СВР Тетово.

Според полициските информации, на 14 јуни 2026 година, околу 17:20 часот, полициски службеници ја лишиле од слобода В.М. (42) од Прилеп, со престој во Тетово. Подоцна, околу 18:30 часот, во селото Сараќино, бил приведен и Б.С. (37) од истото село.

Како што соопшти полицијата, претходно во 16:00 часот во СВР Тетово било пријавено дека околу 15:30 часот жена била забележана како физички го малтретира своето тримесечно бебе. Лицата кои го пријавиле настанот интервенирале и веднаш ја известиле полицијата.

За случајот биле известени социјален работник и инспектор за малолетници, а двете лица биле задржани во полициска станица за понатамошна постапка.

Од СВР Тетово информираат дека по целосното документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Надлежните институции продолжуваат со утврдување на сите околности поврзани со настанот, како и со проценка на состојбата и заштитата на детето.

Поврзани вести