
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска го посети објектот, каде што е сместен централниот систем „Безбеден град“ (Safe City), по повод почетокот на пробниот период во кој сторителите на сообраќајни прекршоци ќе добиваат известување за сторениот прекршок, информираат од МВР.
Од Министерството појаснуваат дека со последните измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, прекршоците документирани со технички средства – камери, сензори и уреди за снимање – се сметаат за валиден доказ.
-Во првата фаза системот ќе регистрира: брзо возење, минување на црвено светло, истечена важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирање. Во следната фаза е предвидено проширување на спектарот на прекршоци, велат од МВР.

Кога системот ќе биде во целосно пуштен во употреба сопствениците на возилата за кои е утврден прекршок ќе добиваат СМС порака и е-пошта со линк за преземање записник со платен налог. Прекршоците ќе можат да се платат електронски, а при навремено плаќање нема да се наплаќаат дополнителни трошоци. За одредени прекршоци за кои е пропишана и мерка забрана за управување со возило, МВР ќе поднесува барање за поведување постапка до надлежен суд.
Во првите 12 часа од пробното функционирање на системот беа регистрирани 65.000 прекршоци од кои за поминување на црвено светло 2800 и нерегистриран автомобил 1000. Оваа алармантна бројка, велат од МВР, уште еднаш ја потврдува неопходноста и оправданоста на системот, од се очекува значително подобрување на сообраќајната култура, зголемена безбедност за сите учесници во сообраќајот и намалување на штетите и жртвите на патиштата.

-Со стартот на овој систем испраќаме јасна порака – безбедноста на граѓаните е врвен приоритет. Нема толеранција за несовесно возење, без разлика дали е во градска зона или на отворен пат. ‘Безбеден град’ е проект кој штити животи и ја враќа дисциплината во сообраќајот, истакна министерот Тошковски при посетата.
Од МВР најавуваат дека ќе продолжат и со тестирањето и унапредувањето на системот, со цел негово целосно функционирање во наредната фаза.

Македонски






