
Синоќа во Кичево се случила сериозна сообраќајна незгода во која е повредено малолетно лице, а сторителот е веднаш лишен од слобода. Министерството за внатрешни работи информира дека инцидентот се случил околу 20:40 часот на булеварот „Ослободување“.
Според официјалниот полициски извештај, кичевецот А.Б., управувајќи патничко моторно возило марка „Опел Вектра“ со кичевски регистарски ознаки, удрил во 10-годишно дете.
Она што е особено загрижувачки е фактот што по извршените проверки од страна на полициските службеници од ОВР Кичево, било утврдено дека возачот воопшто не смеел да биде зад воланот во моментот на несреќата. Имено, А.Б. го управувал возилото иако имал активна заштитна мерка – забрана за управување со моторно возило од Б-категорија.
По консултации и насоки од надлежниот јавен обвинител, автомобилот му е веднаш одземен. Од МВР додаваат дека по целосното документирање на овој случај, против несовесниот возач ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Македонски


