Skip to main content

Помошник директорот на Царина, Лакордов: Застанавме на патот на организирани криминални мрежи

„Како дел од акцијата „Шилд“ на Европол, успешно спречивме два меѓународни канали за нелегална трговија со анаболични стероиди, при што запленивме 600 кг супстанци штетни по здравјето на граѓаните. Со БЈБ запленивме речиси 200 кг марихуана. Во периодот од октомври 2024 до сега, поднесовме 65 кривични пријави за криминални дела со употребувани возила коишто може да бидат употребувани и во криминални дејствија  доколку нема евиденција при нивен  увоз. Вкупниот број на поднесени кривични пријави е на институционално највисоко ниво во последните 10 години. Верувам дека ако дејствуваме здружено, можеме да направиме вистинска разлика“, ова го истакна помошник директорот за контрола и истраги на Царинска управа, Влатко Лакордов, на денешниот настан во организација на Бирото за јавна безбедност на кој беше презентиран Документот за проценка на заканите од сериозен и организиран криминал SOCTA 2025 во кој се содржани и податоци за откриени и спречени кривични дела од страна на Царинската управа.

Лакордов потенцира дека во време на постојани промени, глобалната поврзаност и технолошкиот напредок, се отворени многу можности, но и сериозни предизвици.

„Организираниот криминал денес е побрз, пофлексибилен и поиновативен од кога било досега. Од нас се бара одговор што е уште поцврст и уште покоординиран. SOCTA 2025 не е само документ или бројки – тоа е наш водич за акција. Со интеграција на податоци, соодветни анализи и со јасно дефинирани приоритети, целта е да ги препознаеме ризиците навреме, да делуваме заедно и да ги зајакнеме институционалните капацитети. Покажавме, дека кога сме посветени, можеме да испорачаме сериозни резултати – и тоа не остана незабележано. Нашите партнери знаат, дека Македонија е доверлив играч на меѓународната сцена“, истакна Лакордов.

Во оваа насока Лакордов потенцира дека на сите гранични премини веќе е поставен модерен видео надзор и систем за препознавање таблички, а до крајот на летото со грант од Република Кореја Царинската управа ќе има нов систем за анализа на ризик и податочен склад којшто со помош на  вештачка интелигенција ќе препознава сомнителни пратки. Воедно се работи и на имплементација на нов систем за контрола и истраги, што ќе овозможи уште подобро менаџирање со случаи, но и технолошка поддршка за форензички анализи.

Ова, како што вели, ќе овозможи зајакната заедничка борба за побезбедно, посигурно и пофер општество за сите. За таа цел, Царинската управа ќе продолжи да биде активен дел од националните и европските иницијативи, целосно посветени на имплементација на стратегиите за борба против организираниот криминал, потенцира тој.

Поврзани вести