
Основното јавно обвинителство Скопје повело постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторил неколку дела тешка кражба од член 236 од Кривичниот законик и една тешка кражба која останала во обид.
Како што денеска соопштија од Јавното обвинителство на Република Македонија, од август 2024 до април годинава осомничениот 48-годишник продолжено во повеќе наврати вршел кражби во канцеларии на општина Гази Баба.
Најпрво на почетокот на август 2024 година, тој насилно откорнал метална решетка на прозорец и од кацеларија на службеникот за внатрешна ревизија одзел лаптоп компјутер вреден 18.000 денари. Потоа, неколку дена подоцна, насилно отворил друг прозорец и од канцеларијата на градоначалникот одзел уште три лаптопи во вкупна вредност од 74.000 денари. Во април годинава, повторно насилно влегол во една од бараките, пребарувал и одзел лаптоп, бормашина и други предмети, вредни вкупно 41.100 денари.
На 19 април 2025 осомничениот насилно ја отворил влезната врата на Миколошката лабораторија на Природно-математичкиот факултет и одзел вкупно шест лаптоп компјутери и 500 денари, односно вкупната вредност на одземените предмети е 208.576 денари. Два дена подоцна осомничениот насилно влегол и на Шумарскиот факултет, пребарувал во два кабинети и во читалната, но од непознати причини се откажал од намерата и без да земе ништо го напуштил местото на настанот, се наведува во соопштението.
Оценувајќи дека опасноста осомничениот да повторува вакви дела е неспорна, како и имајќи ги предвид околностите кои укажуваат на ризик од бегство, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор.