
По информациите дека примероци од мозочно ткиво од починати лица од земјата биле транспортирани во 90-тите години во САД за научно‑истражувачки цели, Јавното обвинителство оформи предмет по допрен глас.
Поради сериозноста на информациите, кои вклучуваат обработка, замрзнување и меѓународен транспорт на човечки ткива, како и потенцијални прашања околу усогласеноста со законските и етичките стандарди, Обвинителството ќе ги провери сите индиции за евентуално кривично дело кое се гони по службена должност“, се вели во соопштението.
Предметот е предаден на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кое ќе прибира официјални податоци од институции, органи и здравствени установи за да утврди дали имало неправилности во постапувањето со човечки биоматеријали и издавањето дозволи и согласности.
Министерот за здравство Азир Алиу смета дека е многу мала веројатноста да имало злоупотреби во случајот со извозот на мозочно ткиво од Македонија во САД за научни цели. Тој нагласува дека станува збор за долгогодишен научен проект за соработка со САД.
Иако Министерството веќе формира работна група за овој случај, Алиу изрази уверување дека во процесот се почитувани строги правила и процедури.
Лично, не како министер туку како човек, сметам дека има многу малку простор за злоупотреби. Од другата страна се САД — земја со строго дефинирани протоколи за биолошки материјал. Станува збор за престижен универзитет, а научникот е светско познато име. Не верувам дека би се дозволиле какви било неправилности надвор од јасно воспоставените протоколи“, рече Алиу одговарајќи на новинарски прашања.
Тој појасни дека Министерството за здравство е надлежно само за издавање дозволи за влез и излез на материјали, додека МАНУ, Универзитетот и Институтот се под ингеренции на Министерството за образование и наука (МОН). За проектот, кој започнал во 1996 година, Алиу додаде дека би требало да постои меморандум потпишан меѓу институциите.
Во објавените документи на американското Министерство за правда, поврзани со случајот на Џефри Епштајн, се споменува и Македонија во контекст на истражување за самоубиства и шизофренија. Во електронска порака до Ике Гроф, основач на „Турмалин партнерс“, се пренесува истражување на „Блумберг бизнисвик“ дека научници од Универзитетот „Колумбија“ создале банка од околу 1.000 човечки мозоци, меѓу кои имало и примероци добиени од Македонија.
Според истиот извор, примероците биле земени по смрт, веднаш замрзнати, транспортирани во САД и правилно архивирани за научни анализи.
Поранешниот директор на Институтот за судска медицина, Алексеј Дума и професорот Горазд Росоклија изјавија дека проектот бил спроведен со сите потребни етички одобренија и писмени согласности од семејствата.

Македонски



