
Одбраната на обвинетите Љупчо Палевски и Боре Видевски за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски тврди дека постојат контрадикторности од страна на Основното јавно обвинителство Скопје во врска со доказите кои ги има изведено во текот на главната расправа. Според адвокатот Јовица Страшески, застапник на првообвинетиот Љупчо Палевски, Обвинителството ретерира од вештачењата и тврдењата кои ги има изведено како докази пред Судот, додека адвокатот Бојан Манев, кој го застапува третообвинетиот Боре Видевски, тврди дека времето на убиството на Панче Жежовски не кореспондира со времето наведено во обвинителниот акт.
Во Основниот кривичен суд Скопје денеска заврши доказната постапка во случајот за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. Судењето продолжува на 2 јуни со завршини зборови на Обвинителството.
Страшески оцени дека СМС пораките и другите докази кои денеска како одбрана беа презентирани пред Судот, се побива тврдењето на ОЈО дека постои временска разлика во снимките од дворот на Велибор Манев.
– Од она што Обвинителството го имаше презентирано е јасно, видовте и самите дека ретерираат од оние нивни вештачења и тврдења. На денешново судење се покажа дека снимката која што Обвинителството ја покажуваше минатиот пат, за која тврдеше дека постои временска разлика, со СМС пораките и другите докази кои ги изведовме им се побива тоа дека временската разлика е померена, а од друга страна покажуваат лопати кај Велибор Манев и тврдат дека тие лопати се спротивни на нивните докази изведени во текот на главната расправа кај што тврдеа дека лопатата што е најдена на лице место е вештачена, сега покажуваат други лопати што значи дека Обвинителството од ден на ден се спротиставува на своите докази, рече Страшески.
Според него, Обвинителството се обидело „на шверцерски начин да прошверцува во јавноста дека снимките се еден саат назад за да избегне дека е фатено во лага“.
– И во вештачењето од страна на МВР е наведено дека снимките се во реално време, но откако беа фатени и обезличени од наша страна дека лажат за снимките и дека не се од тој период, пробаа на шверцерски начин да прошверцуваат во јавноста дека снимките се еден саат назад за да избегнат дека се фатени во лага, рече Страшески.
Адвокатот Манев, пак, нагласи дека времето на убиството на Панче Жежовски не кореспондира со времето наведено во обвинителниот акт и оти снимките од бензиските пумпи Макпетрол и Лукоил во близина на Велес, кои ги предложи на денешното рочиште, ќе го докажат движењето на Кангуто во критичниот период.
– Тие снимки треба да го докажат движењето на Кангуто во критичниот период. Ќе бидат доказ дека Кангуто не се движело по таа релација, затоа што за Кангуто да стигне до куќата на Велибор Манев мора да помине покрај тие две бензиски станици. Кога ќе видите дека на тие снимки во споменатиот период го нема Кангуто, ќе ви биде јасно дали тие снимки од куќата на Велибор Манев се вистинити или не се вистинити … Втората работа е во тоа што тие снимки ќе покажат дека времето наведено во обвинителниот акт не кореспондира со времето на убиството на Панче Жежовски, рече адвокатот.
За тоа на кој начин ќе ги обезбеди снимките, со оглед на тоа што Судот му укажа дека доказот треба да го обезбеди сам, а доколку не го обезбеди, нема да биде изведен како доказ, Манев рече дека ќе ги побара од Основното јавно обвинителство Велес, бидејќи, како што рече, истите се дадени како наредби од Основниот суд Велес.
– Снимките ќе ги обезбедиме на начин што ќе ги побараме од Основното јавно обвинителство Велес, затоа што тие постојат таму, не ни се дадени нас како докази, но постојат бидејќи се дадени како наредби од Основниот суд Велес, на крајот ќе ги побарам од Основниот суд Велес и ќе ги изведам, рече Манев.