
Камелија Кулакова, мајка на загинатата Фросина, побара најстрога казна за возачот Васил Јованов. Таа во потресен говор, рече дека ова не е само обична сообраќајка. Кажа дека ова е грабеж на живот, на иднина.
Јас не сум само мајка која го изгубила своето дете, јас сум човек со откорната душа. Јас сум денес гласот на Фросина, зборувам за неа, затоа што таа повеќе не може да зборува. Фросина не беше само прегазена, таа беше згасната на начин што човечкиот ум не може да го прифати – без возачка дозвола, без положен возачки испит, пијан, на црвено светло, заобиколувајќи возила кои запреле, тој не запрел, не погледнал ниту почувствувал, ниту помислил. Ја удрил мојата Фросинче со толкава сила што ја исфрлил 15 метри. Со главата ја шофершајбната ја скршила, се качила на кровот. Од силината, го искршила семафорот од спротивната сала. Брзината не е двојна, бидејќи на црвено светло брзината е нула. Ниту еден орган не и беше поштеден, ниту срцето – се и беше оштетено. Градниот кош отворен. И така, мојата Фросинче убава, мила, ведра, насмеана, остана таму без здив, без иднина. Кој член од законот, кој став може да ја измери болката, која ја чувствувам секој миг. Ова не е судење за сообраќајка. Ова е судење за грабеж на живот, на иднина, за непопавлив грев, за убиство – рече Камелија.
Посочи дека само најстрогата казна, ќе и ја врати вербата дека смртта на нејзината ќерка не била залудна.
Барам највиска казна, барам правда. Не за одмазда, барам највисока казна за правда. За утре ниту едно дете да не се најде на местото на Фросина. Ве молам не дозволувајте животот на Фросина да заврши во празнина. Ве молам покажете дека правдата има душа, и дека злосторството не смее да помине како сенка. Правдата нема да ми ја врати Фросинче. Но ќе ми ја врати вербата дека нејзината смрт не била залудна – рече мајката на Фросина.