Skip to main content

Јанев за трагедијата во Богданци: МВР реагираше соодветно и го институционализираше случајот

Со цел да не се шират шпекулации и неточни информации кои ги има во јавноста, сакам да истакнам дека полицијата, односно МВР, во конкретниот случај соодветно реагираше и го институционализираше случајот, истакна денеска во СВР Струмица директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) при МВР Александар Јанев.

Во изјавата за медиумите тој ја изнесе и хронологијата на трагичниот настан во кој животот го загубија 17-годишната Билјана и нејзиното 21-годишно момче.

Според Јанев, од страна на сега починатата Билјана и сторителот претходно немало никакви евидентитрани записи во евиденцијата на базите во МВР, за каков било случај, вклучително и случај на семејно насилство.

Првата пријава во врска со овие имиња се случила ноќта на 30 септември 2026 година во подоцнежните часови, кога сега покојната Билјана, жртва, тефонски пријавила во полициска станица дека има физички напад врз неа од страна на лице со кое била во љубовна врска. Веднаш по пријавата, односно максимум десетина минути по пријавата, полициски службеници од Гевгелија пристигнуваат во Богданци, излегуваат на лице место и ја наоѓаат веќе покојната Билјана, и вршат разговор со неа. Бидејќи се работи за малолетно лице, го повикуваат и родителот. По пристигнување на родителот жртвата е консултирана и е упатена на лекарски преглед, каде по насоки на јавен обвинител, истиот и е укажан. По прегледот и на неа и на родителот им е укажано да дојдат во полициска станица и притоа цело време истите се обезбедени и закана по нивните животи нема – рече Јанев.

Во меѓувреме, појасни Јанев, се барал сторителот, сега исто така покоен и бил пронајден и приведен во полициска станица во Гевгелија. По полноќ Билјана, заедно со родителот, дошла во Станицата каде е составен записник за примање на кривична пријава.

Сторителот веќе е лишен од слобода и со него се вршат разговори согласно нашите протоколи каде уште еднаш е консултиран надлежен јавен обвинител од ОЈО Гевгелија и каде по брифирањето на јавниот обвинител се добиени насоки лицето да биде пуштено и по документирање на случајот да биде поднесена кривична пријава во редовна постапка, напоменува во редовна постапка. Лицето по неколку часови е пуштено на слобода. Од страна на ОВР Гевгелија истовремено е известен и Центарот за социјална работа, каде исто така е составен записник – посочи директорот на БЈБ Јанев.

По документирање на случајот и по насоки на ЈО, од страна на ОВР Гевгелија поднесена е кривична пријава за сторено дело: „Телесна повреда при вршење на семејно насилство“, а квалификацијата на делото била од надлежен јавен обвинител.

Кривичната пријава била прифатено од ЈО од страна на Судот, а на предлог на Центарот за социјални работи на 16 октомври 2026 година било подготвено решение за привремена мерка за заштита од семејно насилство, кое на 20 октомври било доставено до ОВР Гевгелија, со што полицијата била известена дека за лицето има мерки на претпазливост.

На 21 октомври, во утринските часови, според протоколите на полицијата бил подготвен план за безбедност на жртвата и начинот на извршување на изречената итна мерка за заштита на жртвата. Полицијата постапува според планот и протоколите, при што сакам да напоменам дека сега покојната Билјана и нејзиниот родител, односно татко, се контактирани и тие дале исказ дека сè е во ред и дека немаат контакти со сторителот, дека нема приближување од негова страна и дека мерката изречена од страна на судот целосно се почитува – додаде Јанев.

Заради сензитивноста на случајот и заради почитување на човечкиот момент во делот на семејствата, Јанев не сакаше да изнесе повеќе детали за тоа што понатаму ќе преземе полицијата во насока на расчистување на овој трагичен настан.

Во одговор на новинарско прашање дали е во ред делото од 30 септември да се квалификува како семејно насилство, директорот Јанев одговори дека како полиција може да се даде каква било квалификација на состојбата, но се работи за сензитивни случаи од аспект на семејно насилство, бидејќи лицата биле во врска и живееле заедно, затоа делото било квалификувано како телесна повреда при вршење на семејно насилство, но лицата не биле во брак.

Директорот на БЈБ Александар Јанев им изрази длабоко сочувство на семејството, роднините и блиските и изрази жалење за трагичниот настан кој го потресе Богданци и целата македонска јавност, а од кој како луѓе и родители сите се згрозени.

Поврзани вести