
Фросина не загина поради една секунда невнимание. Нејзината смрт е резултат на еден долг синџир на неодговорност, толеранција и неказнивост што очигледно продолжува, реагира Росица Кулакова по веста за ослободителната пресуда за Зоран Јованов, таткото на Васил, возачот кој ја прегази и усмрти нејзината сестра, Фросина Кулакова.
Имам неколку прашања на кои никој уште не ми дал разумен одговор.Ако таткото не знаел дека Васо ја вози колата, како е можно камерите собрани од Обвинителството да покажуваат дека истото возило Васо го управувал речиси секојдневно со месеци пред да ја убие Фросина притоа константно визејќи со брзина поголема од пропишаната?
Ако не знаел, тогаш како не забележал дека колата секојдневно исчезнува и се враќа? Ако знаел, тогаш зошто не го пријавил? Зошто не презел ништо за да го спречи?
Во претходен случај во кој Васо предизвикува сообраќајна несреќа со истото возило, ако не се лажам, во Радовиш, правичниот и строг господин – татко изјавил дека му го дал возилото на својот син.
Во оваа постапка истиот татко одговорно тврди дека НИКОГАШ не му ја давал колата на Васо.
И сега, која е вистината?
Не може истовремено и двете. Вистината е една!
Судот денес одбра да поверува на убедливо кажаната лага наместо на тешката вистина.
И тоа што најмногу загрижува не е само пресудата, туку пораката што ја испраќа.
Дека родителот нема никаква одговорност ако со години гледа опасно однесување и не реагира?
Дека е доволно да кажеш „не знаев“ и покрај сите околности што укажуваат на спротивното?
Дека никој не треба да одговара за премолчувањето, игнорирањето и дозволувањето ризикот да расте сѐ додека некој не биде убиен?
Фросина не загина поради една секунда невнимание. Нејзината смрт е резултат на еден долг синџир на неодговорност, толеранција и неказнивост што очигледно продолжува.
Бљак!, пишува Кулакова.
Реагираше и таткото на загинатата Фросина.
Младата и надежна Судијка на мафијата Снежана Марковска го суди и убиецот Васо и Таткото, за овакви местења на судски предмети претседателот на Судот Скопје 1 заврши во затвор, но банана држава силно и со многу криминални милиони евра е искреирана баш за “да се најде ” за вакви случаи…
За убиства да нема одговорности !!!!!!!!!
Затоа се што е нормално си отиде, напросто бегаат младите од земјава и треба да си одат…, вели Тодор Кулаков.

Македонски



