Адвокатот на првообвинетиот за убиството на Вања и Панче, Љупчо Палевски Палчо, Марјан Витановски, објасни дека бараат изземање на обвнителката Жаклина Јосифовска затоа што имаат созманија оти обвинетиот Боре Видевски поседувал пиштол со калибар од 9 мм и со истиот калибар е извршено убиството на Панче Жежовски, а пронајдена била и една чаура која што е вештачена.
Витановски објасни дека од СВР Велес не му дале информација ниту пак во ЈО.
„Обвинетиот Љупчо Палевски смета дека ова е најпогодниот момент кога треба да бараме изземање, бидејќи јавниот обвинител ниту административно не проверил дали обвинетиот Боре Видевски има пиштол. При претресот на домот, констатирал само дека нема пронајдени предмети кои би се довеле во корелација со кривичното дело. Имајќи во предвид дека обвинетиот поседува таков пиштол, сметаме дека истрагата во еден дел е незаконска. Вештачената чаура, не беше доставена да се изведе како доказ. Сметавме дека ако истиот поседува оружје со дозвола, при добивање на дозвола, тоа се води во системот на МВР. Доколку бил одземен пиштолот од Боре Видевски, можело да се провери дали чаурата одговара на тој пиштол или евентуално на било кој пиштол кое некое лице го поседува со дозвола“, рече Витановски кој нагласи дека бараат да се докаже дека Видевски поседувал пиштол.
Видевски вели дека ако бил земен пиштолот можело да се провери дали пронајдената чаура одговара на тој пиштол или на било кој од обвинетите.
„Имајќи во предвид дека сведоците предложени од одбраната, десет пати беа прашани дали Љупчо Палевски има пиштол, а никој од обвинетите да не биде прашан, сметавме дека некои работи на Обвинителството укажува на тоа дека се прави обид, Палевски да биде врзан со кривичното дело на било кој начин, за што и веќе реков, според доказите приложени кон обвинението, засега Палевски не може да се поврзе со ова дело. Ако се пронајде пиштолот од овие обвинети овде, нека се провери таа околност, па ние како одбрана ќе си продолжиме со други факти. Невозможно е, четири обвинети да имаме, еднаш го признаа кривичното дело, па го повлекоа тоа, за сега да немаат ни едно прашање да постават и да приговорат, што укажува дека тие можеби се заложници во овој кривично-правен настан и веќе преговарале за исходот на постапката, а се од причина единствено првообвинетиот биде лицето кое го извршиле ова кривично дело“ – рече адвокатот на Палчо.