
Сè уште не е познато кога точно ќе профункционира летот Скопје-Дубаи, иако првично требаше да стартува на 30 март годинава.
-Од самиот почеток работиме на развој на авионските линии. Добивме зелено светло, но чекаме на финалната одлука на авиокомпаниајта. Како аеродром сме подготвени и само чекаме зелено светло од авиокомпанијата што ќе лета. Со олеснувањето на визниот режим со ОАЕ ќе можеме наскоро да стоиме овде и да го објавиме летот за Дубаи, информираа денеска од ТАВ Македонија.
На почетокот на месецот, компанијата „ФлајДубаи“ доставила барање до Министерството за транспорт и врски за пролонгирање на линијата која беше дел од субвенционираните летови избрани на првиот повик на Владата.
На првиот повик на Владата за субвенционирање на авиолинии во октомври 2024 беа избрани шест авиолинии на „Визер“, „Туркиш ерлајнс“ и „Флајдубаи“. „Визер“ ќе добие владина помош за летовите од Скопје до Барселона и Лион кои треба да стартуваат од мај 2025 и до Штутгарт од октомври 2025. „Туркиш ерлајнс“ од 27 март почна со летови меѓу Истанбул и Охрид четири пати неделно.
Обединетите Арапски Емирати ги укинуваат визите за македонските граѓани. Ваква вест сподели премиерот Христијан Мицкоски. Според него, ова се должи, пред се, на неговата последна посета на Емиратите.
-Последната посета на Обединетите Арапски Емирати го донесе првиот конкретен резултат. На наше барање, тие ги укинуваат визите кои беа потребни за патување кон оваа земја! Наскоро со конкретната примена на одлуката за безвизното патување ќе се влијае на посилна економија, слободно патување, зајакнување на меѓусебното партнерство. Се бориме на секој можен начин да се помогне на нашите граѓани, и со секој ден да се носат промени за заедничката иднина, порача Мицкоски.
Минатата недела беше објавено и дека се преговара за дополнителна авиолинија од Абу Даби до Охрид.
-Дали тоа ќе биде „Емирејтс“ или „Ер Арабија“, се преговара и се разговара, изјави Мицкоски од собраниската говорница. Вели дека би бил среќен доколку до крајот на годината, се објави уште една дестинација и тоа да биде од Охрид. Смета дека ќе биде додадена вредност за туризмот во градот.