
Народната банка назначи тројца администратори кои во наредните три месеци ќе го преземат управувањето со Алта банка АД Битола, поради околности кои можат сериозно да ја загрозат нејзината солвентност.
Со решението донесено на 1 ноември, за администратори се именувани Илија Андовски, Весна Стојчевска и Марија Тодоровска. Тие ги преземаат надлежностите на управните тела и Собранието на акционери на банката, со исклучок на одлучувањето за зголемување на капиталот.
Администраторите имаат рок од 21 ден да ја утврдат финансиската состојба на банката и да достават извештај до Народната банка.
Во периодот на привременото управување се воведени и ограничувања за располагање со средствата. Од Народната банка појаснуваат дека средствата на граѓаните не се замрзнати, но ограничувањата што се однесуваат на физичките лица важат и за расположливите средства на кредитните картички.
Во меѓувреме, Народната банка разгледува можни решенија за компаниите кои преку Алта банка треба да ги исплатат платите на вработените, како и да ги подмират обврските за даноци и придонеси.
Ова е особено важно имајќи предвид дека законскиот рок за исплата на платите е до 15 ноември.
Од Народната банка најавуваат дека јавноста навремено ќе биде информирана за новите одлуки и мерки поврзани со работењето на банката.
Извор Фокус.мк

Македонски




