Борбата против сивата економија е актуелна тема, но и предизвик со кој постојано се соочуваме. Геополитичката сцена брзо се менува, со зголемени закани за слободната трговија, при што Македонија и земјите од регионот како мали земји, се најмногу изложени на опасностите од нелегална трговија, истакна директорот на Царинската управа Бобан Николовски на регионалната конференција за сузбивање на сивата економија што се одржува во Скопје во организација на Американската стопанска комора на Македонија и на Србија.
Клучот за справување со овие закани, според Николовски, е високата подготвеност на земјите во спречување на секој обид за криминални дејствија и сузбивање на сивата економија, но исто така и зголемувањето на соработката со приватниот сектор и споделувањето на искуствата и предизвиците со кои се соочува овој сектор.
Царинската управа ја реактивираше работата на Советодавното тело во кое членуваат сите комори, асоцијации и организации вклучени во царинската постапка. Од ова тело очекуваме да произлезат конкретни мерки за проблемите со кои се соочуваат компаниите, превозниците, шпедитерите, при што заедничка цел е олеснување и поддршка на трговијата, во рамки на законските прописи – нагласи Николовски.
Осврнувајќи се на работата на Царинската управа од 1 јули годинава откога ја презеде функцијата директор, Николовски посочи дека се преземени значителни чекори во сузбивањето на секој обид на нелегална трговија за што потврда се наплатените приходи од 54,6 милијарди денари, што претставува раст од осум проценти во однос на истиот период лани.
Во јули е евидентиран за 127 проценти поголем увоз на цигари од јули минатата година. Во септември приходите по основ на пријавен увоз на цигари се зголемени за 46 проценти, а во октомври за 13 проценти. Овие резултати особено ги нагласувам со оглед на тоа дека овде на конференцијата присуствуваат претставници на ОЛАФ и претставници на тутунската индустрија. Дополнително би истакнал дека во овие пет месеци имаме 212 случаи на заплени или речиси двојно повеќе од минатата година. Продолжуваме со имплементација на проекти за модернизација, подобрување на условите за работа и примена на иновативна технологија во нашата работа, особено за подобрување на нашата контролна функција – истакна Николовски.
Конференциите од ваков вид, според директорот на Царинската управа, се дополнителна можност за размена на искуства и воспоставување на нови начини за поблиска комуникација на учесниците во трговската размена во регионот и пошироко.