Skip to main content

Мицкоски: Земјоделството е стратешки приоритет на оваа Влада

Денес сме тука да ја испратиме силната порака дека македонската земја храни, дека македонската трпеза има иднина, и дека македонскиот народ се потпира – и ќе продолжи да се потпира-на трудот, знаењето и љубовта со кои нашите земјоделци ја обработуваат земјата, рече Премиерот Мицкоски во своето денешно обраќање на манифестацијата „Од нива до трпеза“.

Манифестацијата „Од нива до трпеза“ не е само пазар или саем. Таа е симбол. Симбол на цел еден синџир кој започнува со утринската роса на македонските полиња, продолжува низ потта на земјоделецот, преку вештината на преработувачот, до вкусот кој го чувствуваме во секое домашно јаболко, секое сирење, секој домат од македонска земја.

Македонија има потенцијал-и тоа не е фраза, тоа е факт.

Имаме сонце, имаме вода, имаме плодна почва. Но пред сè-имаме луѓе. Луѓе кои не се плашат од рани зори, од кал на рацете, од работа до доцна навечер. Тие се вистинските херои на нашето време. Тие се столбот на економијата, на традицијата и на иднината.

Како Влада, решени сме да ја вратиме честа и вредноста на македонскиот земјоделец. Земјоделството е стратешки приоритет на оваа Влада.

Во период од само единаесет месеци, исплативме вкупно 8 милијарди 662 милиони денари за заостанати субвенции и редовни исплати кон земјоделците – тоа е конкретна поддршка, тоа се пари кај луѓето што ја хранат државата!

Направивме законски измени со кои земјоделските задруги конечно станаа препознаени и евидентирани, со што го олеснуваме нивното здружување и настап на пазарот.

Распишан е Јавен повик за финансиска поддршка за економско здружување на земјоделските стопанства и за заедничко вршење на земјоделска дејност.

Откупувачите на тутун ја зголемија откупната цена од 375 на 400 денари за прва класа, а Владата ја зголеми субвенцијата од 80 на 100 денари по килограм.

Беше распишан Јавен повик за мерката помош на млади земјоделци, и добивме 254 апликации од нова генерација земјоделци која сака да остане тука и да гради иднина во татковината.

Во 2024 година, за првпат се постигна највисока откупна цена за винските сорти.

Ова не се празни зборови-ова се конкретни дела. Ова се податоци кои говорат за еден нов пристап, нова енергија и јасна визија:

да го подигнеме агросекторот, да ги мотивираме младите, да ја дигнеме довербата на земјоделецот.

Нашата визија е „македонско на македонската трпеза“.

Да создадеме економија на храна која е одржлива, извозно ориентирана, но и задоволна. Да ги поддржиме локалните производители, од најмалото село до најголемата задруга.

Денес, од оваа манифестација, упатувам апел до сите наши граѓани:

Купувајте македонско. Почитувајте го домашното. Поддржете го трудот на оние што ја чуваат нашата трпеза жива.

Нека биде ова заедничка мисија-мисија на солидарност, патриотизам и економски разум.

Бог да ја благослови Македонија!

Поврзани вести