
За една година покачивме пензии и плати, градиме патишта, имаме над 1.2 милијарди евра странски инвестиции и вработени 1000 полициски службеници. Имаме уште многу работа, развојот е возможен и на дофат, најдоброто допрва доаѓа, плодовите на нашата работа допрва ќе се чувствуваат, соопшти денеска премиерот Христијан Мицкоски на својот Фејсбук профил, по повод првата година од Владата.
Како што посочува, првпат после седум години, учебната година 2024-2025 година почна со испорачани учебници, над еден милион примероци беа поставени на училишните клупи, на првиот училишен ден и покрај краткиот рок. Напомена дека се обезбедени 680 милиони денари буџет за наука во 2025 година, двојно повеќе од 2024 година.
Мицкоски информира дека се одобрени 229 милиони денари за проекти од областа на животната средина, а 500 милиони евра за бизнисот и капитални проекти за општините. Додаде дека македонската економија на четврто место во Европа според растот на БДП, во првиот квартал и се наоѓа веднаш зад Ирска, Данска и Полска.